Библиската драма „Евангелие според Матеј“ од Пјер Паоло Пазолини ќе го отвори 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал задутре (22 мај) во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Култниот италијански режисер е во фокусот на фестивалот кој се одржува под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен.“ До 28 мај ќе бидат прикажани триесетина филма од Европа и сите краишта на светот.
Фестивалската програма е изградена од разновидни сегменти: ретроспектива на Пазолини, едукативна програма, компетитивните селекции на краткометражен и долгометражен филм, придружна програма со селекцијата на турски краткометражни филмови, селекција на видеоесеи, ревијална програма. Селектор на долгометражните филмови е проф. м-р Кирил Трајчев, на краткометражните – д-р Дејан Здравков, а на видеоесеите – м-р Ивана Мирчевска.
Во официјална селекција на долгометражни филмови кои се во конкуренција за наградата „Златен був“ се: францускиот „Последен здив“ во режија на Коста Гравас, „Универзален јазик“, на канадскиот режисер Метју Ренкин, „Новата година што никогаш не дојде“ на Романецот Богдан Мурешану, непалскиот „Шамбала“ во режија на Мин Бахадур Бам и долгометражниот првенец на грузискиот режисер Џорџ Сихарулидзе, „Паноптикон“.
За „Златен був“ за најдобар краткометражен филм ќе се натпреваруваат 15 филмови кои доаѓаат од Франција, Мексико, Аргентина, Германија, Австралија, Португалија, Хрватска, Бугарија, Египет, Русија и др.

За наградите ќе одлучуваат: Кумјана Новакова (режисерка, Македонија), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија).
Во рамките на придружната програма во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турски краткометражен филм, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Ќе бидат прикажани три филма: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. Едукативната програма на фестивалот беше реализираната во изминатите два месеца.
Постерот и визуелниот идентитет е дело на дизајнерката Катарина Пренда, а трејлерот е дело на Владимир Владимиров.
Филозофскиот филмски фестивал го организира Филозофското друштво на Македонија и се одржува со институционална поддршка на Агенцијата за филм, во партнерска соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Кинотеката.
Фестивалот е поддржан од: Италијанската амбасада во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, British Council, Музејот на современата уметност Скопје, списанието Sinefilozofi од Турција, Универзитетот „Еуропа Прима“, Културно информативниот центар – Скопје, Култура Бета. Спонзори на 14. ФФФ се: Горска, Камник, Аз-Буки, Хотел Цара, Дукат, Мартини, додека негови медиумски покровители: Телевизија 24, Радио 103, Нова Македонија, Слободен Печат, Окно, Трн, Кајгана и Умно.
Повеќе за фестивалот на линкот.





