До 7 мај е отворено пријавувањето за третиот Стопанска Триоги триатлон 2023, што ќе се одржи на 14 мај во Скопје. Натпреварот го организира триатлон клубот Триоги рејсинг, а е во техничка организација на Триатлон федереацијата на Северна Македонија.
Главниот град повторно ќе биде место каде што ќе се слави триатлонот – спорт кој е брзорастечки во светот, а и кај нас добива сè поголемо внимание.
Оваа година очекуваме преку 250 натпреварувачи, а потврдено е учество и на триатлонци од Хрватска, Бугарија, Турција, Србија, Koсово и од Црна Гора, велат организаторите.
– Подготвени сме со техничка поддршка од страна на Триатлон федерацијата на Северна Македонија и сопствена судиска екипа да обезбедиме трка на која секој натпреварувач би сакал да учествува и веруваме дека овој натпревар ќе прерасне во традиционален натпревар кој ќе им овозможи на македонските триатлонци да се натпреваруваат на домашен терен. Се радуваме што интересот почна да расте, после ланската многу успешна година кога имаме меѓународен карактер на натпреварот – вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на клубот Триоги Рејсинг и организатор на натпреварот.
Инаку ланското издание на Stopanska Triogy Triathlon беше најмасовниот триатлон настан одржан во нашата држава на кој земаа учество 250 триатлонци. На голема радост и оваа година ја продолжуваме соработката со Стопанска банка АД – Скопје.
Оваа година натпреварувачи кои ќе бидат поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција, кои можат да се пријават на следниот линк.
– Сениори (2003 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
– Јуниори (2007-2004): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
– Кадети (2010-2008): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање
– Деца 2 (2013-2011): 175м пливање, 4км велосипед, 1км трчање
– Деца 1 (2014 и помлади – рекретивна категорија): 75м пливање, 2км велосипед,
500м трчање
– Мастерс 1 (1993-1984): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
– Мастерс 2 (1983-1974): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
– Мастерс 3 (1973 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
– Тимски – штафетен триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 членови (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање. Минималната возраст за велосипед сегмент и за трчањето е 16 години, а за пливањето е над 10 години со изјава од родител.
Триатлон натпреварот ќе се одржи на следните локации: во делот од пливањето на базенот СРЦ „Борис Трајковски“, во делот на велосипедизмот – долж булеварот Илинден од потегот на СРЦ „Борис Трајковски“, сè до исклучувањето кон „Скопје Сити мол“ и назад по десната коловозна лента. Делот од трчањето се изведува околу паркинзите на СРЦ „Борис Трајковски“.
„Триоги Рејсинг“ – Скопје е најтрофејниот триатлон клуб во Македонија. Постои 6 години, има повеќе од 100 члена и 100-ци медали освоени на домашни и на меѓународни натпревари. Ние вложуваме најмногу во развојот на овој спорт кај децата, затоа што сметаме дека само така ќе имаме здрава младина.
Стопанска лизинг АД – Скопје е новоотворена лизинг компанија на македонскиот пазар со широка понуда на финансиски и оперативен лизинг за корпоративниот и граѓанскиот сектор. Поддршката на Триатлонот во Скопје е уникатна можност да се дејствува директно во развојот на овој актуелен спорт и во градење на нови спортски традиции за Градот и државата.