Повеќе од 200 жени од различни делови на Македонија прегледани во рамките на проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“

Повеќе од 200 жени од различни делови на Македонија се прегледани во рамките на проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“ што го реализизираа Македонското лекарско друштво, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Црвен крст на Македонија со поддршката од dm дрогерија маркет.

Проектот опфатил 16 теренски посети во рурални и маргинализирани заедници, преку кои биле собрани и важни податоци за бариерите, потребите и предизвиците поврзани со гинеколошкото здравје.

ПАП тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои една до три години според возраста и ризикот. Скринингот пак овозможува навремено откривање и спречување на цервикален карцином, а многу жени, особено од маргинализирани заедници, сè уште немаат пристап до овие услуги, се дел од заклучоците од проектот.

На панел-дискусијата во „Јавна соба“ беа отворени исклучително важни теми поврзани со женското и менструалното здравје. Панелисти беа координаторот на програмата за малигни заболувања во Министерството за здравство, проф. д-р Елена Ристоска, шефицата на канцеларијата на УНФПА д-р Афродита Шалја, претседателот на Македонското лекарство друштво, проф. д-р Горан Димитров и други. Тие зборуваа за пристапот до соодветна грижа за жените од тешко достапите места, за поттикнувањето на редовни гинеколошки прегледи за жени од сите возрасти, превенција на цервикалниот карцином – проблем со кој се соочуваат многу жени во светот. Се споделија и препораки како проектот да продолжи да живее и да им служи за подобрување на здравјето на жените.

Сподели