Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ по 30. пат се одржува во Битола. Почетокот беше означен со изведбата на операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало под диригентстката палка на Бисера Чадловска, а викендов настапија и дуото пијано Маурицио Матарезе и Карла Авентаџиато од Италија со дела од Дебиси, Равел и Форе.

На отворањето, постхумно признание и благодарница му беше доделено на Благоја Стефановски-Баге, еден од основачите на фестивалот.

– Благоја Стефановски-Баге се смета за најголем поттикнувач на идејата за востановување на „Интерфест“ и долгогодишен поддржувач на културниот настан кој на едно место, во Битола ги собира познатите уметници од класичната музика од сите страни на светот – посочи директорката на фестивалот Милица Шперовиќ Рибарски, која признанието му го врачи на неговиот син, Бојан Стефановски.

„Интерфест“ ù додели признание и на градоначалничката Наташа Петровска која, како што рече Шперовиќ-Рибарски, е заслужна што успеа да се реновира Офицерскиот дом во Битола, објект во кој се наоѓа една од најубавите и најакустичните сали за концерти на класична музика.

Фотографија: Јутјуб/Тера Тв

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.