Постхумна изложба на Лазо Крстевски во Градски музеј Крива Паланка

Постхумна ретроспективна изложба на ликовниот уметник Лазо Крстевски ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Градски музеј Крива Паланка. За прв пат ќе бидат претставени дела на Крстевски, еден од најзначајните ликовни педагози во Крива Паланка, кој целиот живот го посвети на педагошката дејност и своите ученици.

Изложбата е дел од манифестацијата „Град на културата 2024“, поддржана од Министерството за култура.

Крстевски важи за еден од најзначајните ликовни педагози во Крива Паланка, а  најголемиот дел од својот работен век го има посветено на работата со учениците, што резултирало со броjни благодарници, пофалници, дипломи и награди на многу ликовни конкурси во градот, како и на државно ниво.

Автор на изложбата е Ѓорги Костовски, историчар на уметност при Градски музеј Крива Паланкa, кој вели дека и покрај мноштвото крстосници и патишта низ разни стилови и правци на Крстевски, неговото творештво може да се подели во три главни циклуси: поетски реализам, експресионизам и лирска апстракција. Единствен мотив кој се повторува низ целото негово творештво е кривопаланечката староградската архитектура, особено старата градска чаршија.

Лазо Крстевски e роден на 22 мај 1951 година во Крива Паланка. Основното образование го завршува во својот роден град, по што се запишува во средното училиште за примената уметност во Скопје – отсек вајарство, кое го завршува во 1971 година. Подоцна завршува Виша Педагошка академија во Скопје, на групата ликовно воспитување, со што се стекнува со стручно звање наставник по ликовно воспитување и од 1983 година започнува неговата педагошка дејност на која и се посветува се до крајот на својот живот.

 

Сподели