„Порти кон бескрајот” е самостојната изложба од прилепскиот автор Илија Кочоски, што беше отворена завчеравечер во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп. Кочоски на изложбата се претставува со дела поделени во два циклуси – првиот со 13 композиции кои претставуваат автентичен и единствен приказ на Тајната вечера и вториот од 8 дела кои се раскошни и колоритни композиции.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Кочоски внимателно ги негува формите, облиците и структурите, применувајќи колажен пристап во создавањето на делата.

– Авторот создал непроценлива ризница од композиции работени во комбинирана техника-масло на платно, бакарна фолија, сребрена боја, дрвени резби и позлатени клинци. Тој развил разновиден семиотички систем и изградил сопствен уметнички идентитет, изразувајќи го бескрајот на човечкиот дух со виртуозна употреба на бојата. Тој вдлаби траг и создаде апотеоза на вечната дилема и борбата за вистината меѓу науката , уметноста и религијата – рече Димеска, на отворањето на изложбата.

Ова е трета самостојна изложба од Илија Кочоски, кој како архитект е автор на повеќе споменици и плочи низ Прилеп и околината.





