Атиџе Муратова, хероината на филмот „Медена земја“ се обрати на промоцијата на илустрираната книга за основци и две интерактивни игри на македонски, албански и турски јазик, создадени во рамките на едукативниот проект предвиден со меморандумот за соработка помеѓу Министерствата за образование и наука и за животна средина и просторно планирање, Бирото за развој на образованието и компаниите „Фармахем“ и „Аполо“. Проектот веќе пилотира во основните училишта во 14 општини од Брегалничкиот Регион каде учат над 8000 ученици од 5. до 9. одделение. Во него се инкорпорирани пораките од документарниот филм „Медена земја“ кој преклани се натпреваруваше за „Оскар“.

– Преку воннаставните активности, младите од 10 до 14 годиние учат колку е важно да ја заштитиме животната средина од уништување и колкава е важноста на пчелите за општото добро. Едукативните материјали побудуваат љубопитност, учење и размена на искуства меѓу наставници и ученици, што овозможува унапредување на сопствените вештини за доживотно учење – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Друштвената игра трае од половина час до најмногу 45 минути и овозможува секој од играчите различно да игра и различно да стигнува до победа. Авторскиот тим ги испочитувал 5-те принципи на играта како медиум за учење: важност, интерактивност, уживање, активирање и повторување. Документарецот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, беше во најтесната конкуренција за освојување на две од најпрестижните златни статуетки на 92. доделување на филмските награди.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.