Возбудата и ентузијазамот и понатаму се главен двигател за остварување на мојата мисија. Нема поголема стимулација од онаа некому да му ги разбудиш емоциите, да му ја поттикнеш мислата – ова е дел од обраќањето на сопранот Ана Дурловски, авторка на македонската порака по повод 25 Октомври, Меѓународниот ден на операта.
– Не случајно се вели дека уметноста може да те издвои, но и да те соедини со светот. Затоа, во ова време на пандемија, во кое вирусот ковид-19 го гасне светлото на рефлекторите, повеќе од неопходна ни е комуникацијата со уметноста, со културата, низ нив да се преиспитуваме, да бидат нашата надеж, нашата иднина – вели Дурловски.

Виралното одбележување на Меѓународниот ден на операта во земјава го организира „Македонски центар ИТИ/Продукција“.

Ана Дурловски е родена во Штип. Завршила Факултет за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дебитирала во Македонската опера и балет во Скопје. Настапувала во националните опери во Белград, Загреб, Сараево, Тирана. Во 2006 година дебитираше со Ноќната кралица („Волшебната флејта“) во Градската опера во Виена и ја доби хрватската награда за култура „Маријана Радев“.
Од 2006 до 2011 година таа беше член на ансамблот на Градската опера во Мајнц. Во 2011 стана член на Операта во Штутгард, а во 2012 година беше наградена со германската сценска награда „Фауст“ за најдобра пејачка-изведувач во музички театар, а Opernwelt ја прогласи за најдобра соло пејачка во подем, за истата улога. Од 2014 до 2015 таа ја изведуваше улогата на Ноќната кралица во Метрополитен опера во Њујорк.

Повеќе можете да проследите ТУКА и ТУКА.

Фото: Ана Лазаревска

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.