Претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ синоќа беше откажана за изведба на сцената на Драмскиот театар, заради протекување на покривот над сцената и проток на вода, извести раководството на театарот.

– Поради протекувањето на покривот над сцената и вода во близина на струјните кола кои се наоѓаат во овој дел од театарот проценивме дека е небезбедно да се изведуваат претстави додека проблемот не се санира. Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти кои би дале дозвола за понатамошна работа – велат од Драмски.

И покрај плановите да ги вратат на репертоарот претставите кои не беа изведувани поради кризата со пандемијата и големиот напор на актерите и вработените во Драмски театар во многу кратки рокови да ги вратат претставите на сцената, тие техничкиот проблем не можат да го санираат со сопствени сили. Раководството се надева дека ова во догледен рок ќе се санира и ќе можат да продолжат со предвидените активности.

Директорката на Драмски, Катерина Коцевска за Умно.мк изјави дека во вторник ќе ја побара целата документација за да се провери како бил последен пат реновиран покривот пред неколку години.

– Не сум сигурна дали бил реновиран само на делот над канцелариите или и на цел покрив. Доколку изведувачот не ја завршил добро работата, треба да се бара одговорност. Пред ковид-19 известив и побарав да ни бидат одобрени финансии за сцената, зашто веќе се распаѓа. Беше одобрено санирањето, но дојдоа политички избори ја закочија процедурата, потоа цените на тендер скокнаа и тоа не се реализира. Ја известив министерката за култура за проблемот со кровот денес и се надевам дека ќе добиеме помош за да го решиме проблемот. Јас навистина не сакам да ризикуваме со немили настани, додека не се создадат услови за работа на театарот – рече Коцевска.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.