„Кајмак“: Понирање зад затворени врати

Пред нас е „Кајмак“, несомнено филмот од опусот на Манчевски што „најлесно“ комуницира со публиката. Но токму таа едноставност, мајсторството на овој филмски раскажувач го крева на пиедестал

Пишува: Тони Цифровски, Македонско радио

Во својот славен првенец „Пред дождот“ ја постави равенката за кругот што не е тркалезен, а во својот најнов, седми целовечерен игран филм (по „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини мун“ и „Врба“) македонскиот сценарист и режисер од светски глас Милчо Манчевски во кругот го става триаголникот, оној чии агли ги сочинуваат човечките души што мечтаат. Пред нас е „Кајмак“, несомнено филмот од опусот на Манчевски што „најлесно“ комуницира со публиката. Но токму таа едноставност, мајсторството на овој филмски раскажувач го крева на пиедестал.

Во градот во кој царува архитектонското лудило (го препознавате, нели?), живеаат две двојки соседи од сосема различно социјално милје. Тоа што им е заедничко е убиственоста на секојдневието што не ја носи посакуваната среќа. Сè додека, како што вели парафразирано слоганот на филмот, во нивното танго не се вмеша(ат) трет(и).

Дистанцираното набљудување на нечии животи одеднаш ве втурнува во вртлог од емоции и пресврти, а зачудувачка е леснотијата со која отфрлајќи ја наметката на пуританството (доколку сме способни за тоа, секако) можеме да се поистоветиме со секој еден машки или женски лик од оваа, колку и да звучи излитено, потрага по љубов. Затоа, волшепство е чиниш уште еднаш мајсторството на Манчевски работата со актерите да го даде резултатот што е пред нас (тука кастинг предлогот на Милка Анчевска се покажува како повеќе од оправдан).

Сара Климоска и Камка Тоциновски не случајно повторно заедно во филм со потписот на Манчевски. Првата со суптилно користење на визуелната моќ, а втората, интересно, со улога слична на таа во „Врба“ и повторно со сигурен од од сцена во сцена (авторитетно, како што сум бележел и за „Врба“). Во нивната приказна, јаготка на шлагот е буквално откритието во артистичката екипа на филмот, актерот на Драмскиот театар, Филип Трајковиќ. Неговиот Методи ја носи сета човечка добронамерност и беспоговорна втурнатост во виорот на нештата, изнесувајќи ја болката на начин што ве тера да се запрашате дали е возможно ова да му е само прва поголема улога на филм. Во другата приказна, свој максимум даваат инспирираните Ана Стојановска и Симона Спировска на кои од огромна помош им е Александар Микиќ, чиј лик Карамба е главен стожер на комичното во филмот. Има кадар во кој неговата фацијална експресија слободно може да се искористи за дополнителен филмски постер (кога во холивудски манир би се правеле повеќе за еден ист наслов). Од споредните улоги, секако уште еднаш се издвојува таа на Петар Мирчевски. Нивните „кожи“ прецизно ги облекува Жаклина Крстевска.

Ова е прва соработка на Манчевски со кинематограферот Улрик Боел Бенцен (познат дански директор на фотографија – од ТВ до режија на видеоспотови за светски ѕвезди од калибарот на Дејвид Гета и Ники Минаж), кому првата поголема работа на целовечерен филм му била очигледна инспирација умешно да ја долови атмосферата што ја посакува македонскиот синеаст.
Данскиот жичен квартет со минималистички приод кон мотив од македонската песна „Не си го продавај Кољо чифликот“ вешто го разигрува дејството. Зад дополнителната музика стојат и имињата на белгискиот композитор и пијанист Томас Фогуен и на добриот познаник и соработник на режисерот, Игор Василев Новоградска.

Низ филмското испишување се препознава и симпатичното оддавање почит на други референци од светската седма уметност – од „Таксист“, опусот на Серџо Леоне или дури (дали?) и до „Форест Гамп“ или „Телма и Луиз“.
Љубовта не е лесна, не признава граници, не знаеш од каде ќе се појави и кога ќе замине. Затоа, без дилеми, треба да се живее сега и овде. И да се дегустира. Како залче леб. Со кајмак.

Насловна фотографија: Маја Аргакијева

Сподели