Педесетина книги од полски автори преведени на македонски јазик ù подари вчера полскиот амбасадор во нашата земја, Кшиштоф Гжелчик на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Донацијата ја прими директорката Снежана Стојчевска и таа е симболичен почеток на проектот „Полска на полица. Полската книжевност во македонските библиотеки“.
– Задоволни сме што Амбасадата на Полска ја препозна токму нашата библиотека како партнер во овој проект, бидејќи делиме заеднички заложби за промоција на вистинските естетски вредности. Го делиме и верувањето дека библиотеката во денешно време треба да биде многу повеќе од простор за зајмување книги. Библиотеката треба да биде активно и отворено културно јадро – истакна Стојчевска.

Проектот за популаризација на полските книжевни достигнувања меѓу македонската читателска публика започнува токму од „Браќа Миладиновци“ каде на 27 февруари ќе се одржи и семинар за македонските библиотекари. Предавањата ќе бидат посветени на полската книжевност, особено на насловите од донираната збирка, во која има класици, современи автори, како и книги за деца и млади. На семинарот ќе говорат професорите и преведувачи од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: проф. д-р Лидија Танушевска, проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и претставник од полскиот Институт за книга.

Во мај ќе се одржи и Месецот на полската книжевност со гостувања на неколку современи полски писатели и нивно претставување пред скопската и македонската публика. Иницијатори и координатори на проектот „Полска на полица“ во Македонија се Јоланта Гжелчик и д-р Билјана Кочишка советник-библиотекар за меѓународна соработка во Градската библиотека. Автор на дизјанот е Наталија Лукомска. Проектот е поддржан од македонското Министерство за култура и полскиот Институт за книга.





