Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Лимениот барабан“ на Гинтер Грас во режија и адаптација на Васил Христов, поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград
Под мотото „Нашите во светот“, јубилејното 50. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) ќе се одржи во Младинскиот културен центар од 19 до 25 ноември. Фокусот ќе биде на македонските автори кои успешно создаваат надвор од границите на Македонија и постојано отвораат на нови сценски хоризонти. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Лимениот барабан“ на Гинтер Грас во режија и адаптација на Васил Христов, поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград.
– Јубилејното издание на МОТ ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европски и регионални театри. МОТ годинава ќе ги донесе на домашна сцена нивните најнови претстави, создадени во театарски куќи во регионот и пошироко, овозможувајќи им на гледачите да ги видат делата на нашите режисери, актери и сценски автори кои создаваат надвор, но со јасен печат на македонската уметничка школа – вели Русе Арсов од името на тимот на МКЦ.
„Лимениот барабан“ е еден од најважните романи на 20 век. Во оваа претстава на Југословенско драмско позориште, македонската екипа е проширена и со композиторот Никола Коџабашија и авторот на сценографија Константин Трпеновски. Во рамките на фестивалот ќе бидат изведени и „Куќа на граница“ во режија на Андреј Цветановски во продукција на Регионално позориште Нови Пазар, Србија, во која како авторска екипа се јавуваат и Сергеј Светозарев, сценографија и костимографија и Димитар Андоновски како композитор. Потоа претставите на Ѓорѓи Ризески – „Поручникот од Инишмор“, Адриана театар од Урошевац, Косово, „Коштана“ на Јана Маричиќ поставена во Народното позориште во Ниш, Србија, „Кучето се засмеа“ на Ана Батева која игра во Спам театар во Софија, Бугарија, „Граница“ на Совран Нрецај на ОДА театар од Приштина, Косово, „Врба“ на Искра Шукарова и „Слугинки“ на Агнес Нокшиќи. Во придружната програма, публиката ќе може да ужива во е имерзивниот ВР-перформанс „Ехо од длабочината“ на Нина Николиќ и Борјан Стојков и концертите на музичките состави Zwada и Тhis is not од Косово, во рамките на МОТ Музички блок програмата, како и изложба на Константин Трпеноски.
Затворањето на МОТ ќе биде со „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште. Покрај Пројковски како дел од авторската екипа се и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија и Сергеј Светозарев автор на плакатот.
Авторка на годинешниот плакат на МОТ е Кристина Горовска. Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната интернет-страница на фестивалот. Онлајн-билетите од денеска се во продажба.





