Појдете денеска во Слоештица, непресушната инспирација на Петре М. Андреевски

Љубителите на уметност ќе можат да ги видат делата создадени за време на годинешната уметничка работилница во „Арт Поинт – Гумно“ во демирхисарското село Слоештица денеска попладне од 18 до 21 часот. „Слоештица – име за цел еден свет“ е темата што ги инспирира уметниците кои годинава гостуваат на меѓународната уметничка колонија „Арт Поинт – Гумно“.

Од 15 до 30 јуни десетмина уметници од Македонија, Грција, Чешка и од Србија создаваат скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната реалност од горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на Петре М. Андреевски. Преку темата на оваа колонија, всушност и „Арт Поинт – Гумно“ ја чествува 90 годишнината од раѓањето на Андреевски.

– Особено сме горди на скулптурата што по овој повод ја создаде македонскиот уметник Никола Пијанманов, а е инспирирана од култната поетска збирка „Дениција“ – велат Ирена и Сергеј Андреевски.

„Дениција“ од Никола Пијанманов

Пијанманов, пак, објаснува дека скулптурата е материјализација на поетската збирка „Дениција“.

– За нејзиното остварување размислувам со години, но мигот на реализација се случи сега, во склоп на уметничката колонија „Арт Поинт – Гумно“, во Слоештица. Скулптурата самата по себе е контраст: нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо. На подлогата е изгравиран стихот: „За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини“. Таа е девојка, муза која како и митолошкиот лик Дафне, се преобразува во дрво, токму во мигот кога требало целосно да му се предаде на поетот, на оној кој ја љуби. Музата доживува целосна метаморфоза. Телото станува стебло на топола, а во рацете-гранки носи еден лист, како акцент на вертикалната композиција на постоењето. Дениција е возвишено/трагична љубов која се трансформира во надземна состојба, како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта. Благодарен сум што овој споменик на поезијата на Петре М. Андреевски, си го најде вистинското место во Слоештица, духовниот и физички дом на Петре, местото во кое се родила најмагичната книга Дениција – вели тој.

Дело од Јана Хунтерова

Освен Пијанманов, годинава, на креативното гумно твореа и македонскиот скулптор и копаничар Драган Докоски; професорот на ликовната академија во Ниш, Србија – Мирослав Живковиќ; Харис Савидес, архитект и фотограф и сликарката Снежана Восу од Грција, како и чешката фотографка Јана Хунтерова. Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје. Годинава, на уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски.

Куриозитет е податокот дека на самиот почеток на оваа колонија пристигна веста дека нашата гостинка Јана Хунтерова ја доби престижната прва награда на филмскиот фестивал „Чешки визии“. Наградено е нејзиното предлог сценарио за краток документарен филм инспириран од нејзините претходни истражувања на т.н. „Крајолици на човештината“ низ демирхисарските села. Наградата ќе и овозможи реализација на сценариото.

Сподели