Погрешните информации не смеат да ја разнишаат довербата во вакцините

Македонскиот институт за медиуми ја претстави нацрт-стратегијата за воспоставување систем кој ќе следи и одговара на актуелни прашања поврзани со вакцините и погрешните информации за рутинската вакцинација на децата и вакцините против ковид-19

„Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините“ беше насловот на конференцијата на која УНИЦЕФ и партнерите ги разгледаа активностите спроведени заедно со Македонскиот институт за медиуми кои се фокусираа на воспоставување систем за управување со погрешни информации и поддршка за квалитетно медиумско известување за рутинската вакцинација на децата и вакцинацијата против ковид-19.

Македонскиот институт за медиуми ја претстави нацрт-стратегијата за воспоставување систем кој ќе следи и одговара на актуелни прашања поврзани со вакцините и погрешните информации за рутинската вакцинација на децата и вакцините против ковид-19.
– Не смееме да дозволиме погрешните информации да ја доведат во прашање довербата во вакцините. Треба да им дадеме сигурни и доверливи информации на родителите и заедниците и да им помогнеме да ја разберат опасноста од одложување на вакцинацијата. Но, исто така, треба да најдеме начини да ги сослушаме нивните грижи и да одговориме на нив – рече Артур Ајвазов, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

Предложениот систем за управување со погрешни информации се потпира на социјално слушање и тоа онлајн, вклучувајќи алатки за слушање на социјалните медиуми, како и офлајн, вклучувајќи увиди извлечени од механизмите за повратни информации од заедницата. Учесниците на конференцијата разговараа за начините за вградување систем за социјално слушање во рамките на националните здравствени структури за да се поддржат здравствените власти и другите засегнати страни да одговорат на погрешните информации и двоумењето околу вакцините.

Беким Сали

– Според искуствата во современите општества, пристапот за справување со погрешни информации честопати подразбира создавање сојузи помеѓу здравствените институции, социјалните мрежи, граѓанското општество и другите одговорни актери, со цел јавноста да има пристап до вистинити и веродостојни информации. Точните и навремени информации се клучни за заштита на здравјето на децата, како и на целата популација – изјави министерот за здравство, Беким Сали.

Ајвазов истакна дека помина времето кога официјалните тела беа единствениот извор на здравствени информации и кога ширењето на пораките можеше да се води преку пристап од горе надолу.
– Денес, повеќе не постои монопол на каналите за комуникација, ниту на тоа кои пораки се сметаат за доверливи, сигурни и веродостојни – рече тој.

Затоа, за да останат релевантни, претставниците на владите и на институциите треба да се среќаваат со луѓето таму каде што се, да ги разберат нивните интереси и потреби и да се вклучат во разговори на платформите и контекстите каде што тие веќе се одвиваат.
Согледувајќи ја важноста на медиумите во обликувањето на јавниот дискурс, иницијативата исто така го поддржа зајакнувањето на капацитетите на новинарите во фактичко известување за рутинската имунизација на децата и вакцините против ковид-19.

Како дел од оваа компонента, медиумските професионалци учествуваа на работилница и четири тематски новинарски брифинзи и имаа можност да се вклучат во дијалог со здравствените власти од Националната комисија за имунизација, Комисијата за заразни болести и со здравствените работници.

Тие разговараа за различни аспекти на фактичко известување, пристап до ажурирани информации за вакцините, поттикнување на активна размена на информации и ефективна комуникација помеѓу новинарите, претставниците на здравствените институции и другите чинители и улогата на медиумите во градењето доверба во вакцините.

Врз основа на најновото истражување на УНИЦЕФ во нашата земја, 1 од 4 родители наведува дека „недостатокот на информации за рутинските вакцини е причина што предизвикува дилема дали да се вакцинираат децата“. Околу 30 отсто од родителите сметаат дека информациите за вакцините за децата се збунувачки (ги сметаат за нецелосни или контрадикторни).

Резултатите од истражувањето, исто така, укажуваат на потребата од конзистентни информации и информации засновани на факти за рутинската имунизација на децата. Иницијативата Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и поддржана од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).

Фото: МИМ

Сподели