Поголема видливост на помалите издавачи, повеќе настани по штандовите на Саемот на книга од утре до 24 април

„Приказна се чита“ е мотото на 32. Саем на книга што ќе биде отворен утре во 12 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Од петок саемот ќе биде отворен од 10 часот, а ќе трае до 24 април. Новини во однос на поставеноста на штандовите, нови програми најавија организаторите Скопски саем и Македонската асоцијација на издавачи. Влезот чини 100 денари, за учениците 50 денари, а ќе има и билет за три влеза кој ќе изнесува 250 денари. Од нив, 15 денари се донираат за детското С.О.С село, најавија организаторите.

Промотивниот центар годинава ќе се наоѓа во средишниот дел на салата за да има подобра видливост и посетеност и од случајни посетители. Викендот се најавени промоции на книги за деца, а забава ќе следува со популарните анимирани ликови.

Бојан Саздов, претседател на МАИ најавува дека од годинава се воведува фелоушип-програма на саемот на која ќе гостуваат издавачи, агенти од пет земји со што нашите издавачи ќе имаат повеќе можност да ја промовираат својата работа.

-Ќе имаме врвни агенти од Франција, Грција, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, кои ќе бидат неколку дена во Скопје, а на 19 април (18 часот) ќе учествуваат и на панел-дискусија. Ова е важно, зашто се отвора можност за соработка за нашите издавачи. Во однос на нашите штандови, годинава му сугериравме на Саемот и не радува што дојдовме до заедничко решение – помалите издавачи да бидат на повидливо место, односно во внатрешноста на халата – рече Саздов.

Слоганот кој годинава гласи ‘Приказната се чита’, е посветен на младата публика која е повеќе фокусирана на социјалните мрежи, а ние сакаме да ја насочиме да чита – истакна Даниела Глигоровска од Global Media Group.

-Годинава имаме соработка и со Министерството за образование и наука од каде средношколците добија препорака за посета на Саемот. И лани ги имавме учениците, тие ни се редовни посетители, се надеваме на добар одѕив од нивна страна и годинава – рече Глигоровска.

И годинава ЈСП воведе автобуски линии, автобусите со број 100 и 200 кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче до салата.

Нè радува што гледаме дека годинава и самите издавачи си прават многу повеќе настани надвор од промотивниот центар, однсоно на своите штандови, истакна Сања Кондарко, проект-менаџерка на Саемот.

-Има голем интерес за групни посети и тоа го правиме по претходно договорени термини, за да се избегнат непотребни гужви – рече Кондарко.

Сподели