Поголема поддршка за Вевчанскиот карневал од Министерството за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера беше во работна посета на Општина Вевчани, каде што со градоначалникот Спасе Кочовски потпишаа договор за финансирање на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2024“, еден од најстарите европски и први карневали во државава, зачленет во Светската карневалска федерација.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека оваа година, со 1,8 милиони денари, една од наjвисоките суми дадени за Вевчанскиот карневал, Министерството за култура ја засилува поддршката на вредностите кои траат и кои со својата автентичност ја издвојуваат македонската култура и историја во светски рамки.

– Горда сум што активностите во новата година ги започнувам токму од Вевчани, потврдувајќи ја уште еднаш подготвеноста на Министерството за култура за поддршка на проекти кои се македонски бренд, но и подготвеноста за отворен и креативен дијалог со нашите корисници – посочи Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека карневали има речиси во сите европски земји, но интересот за Вевчанскиот, како обележје на овдешната култура и како туристичка атракција, не стивнува.

– Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовит и критичен однос кон општествените случувања што од година в година се попривлечни и атрактивни за светските медиуми и гостите од регионот и од Европа – рече министерката за култура, која нагласи дека сите овие придобивки, Министерството за култура ги препознава и останува доследен партнер на оваа манифестација, но и на другите содржини кои го афирмираат Вевчани.

Костадиновска-Стојчевска, како дел од проектите за кои е дадена поддршка во Вевчани, го истакна и првиот мурал „Василичарска епопеја“, потенцирајќи дека во Вевчани се вложува и во едукацијата на младите за продолжување на традицијата на фолклорната уметност на следните генерации, а Здружението Културно-уметничко друштво „Дримкол“, кое во континуитет добива поддршка од Министерството за култура, во изминатата година успешно ги презентираше македонскиот фолклор и традиција дома, но и на меѓународните сцени во светот.

Сподели