„Поглед, кон недоглед“ од Марјан Стојаноски во Тирана

„Поглед, кон недоглед“ е насловот на самостојна изложба на Марјан Стојаноски која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана. Стојаноски ќе се претстави со 16 слики, асоцијативно-апстрактни композиции создадени со виорен и енергичен јазик. Според историчарката на уметност Викторија Димеска, комбинирајќи цртачки и сликарски техники, Стојаноски создава слоевита, комплексна и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини.

– Слободна имагинативна изразност вирее од ракошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајна длабочина на фантазијата – вели Димеска.

Стојаноски лани реализираше изложба во КИЦ во Софија, Бугарија каде се претстави со скулптури од различен формат. Изложбата Panta rhei со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес во бугарската јавност.

Марјан Стојаноски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУП и Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ. Има реализирано голем број на изложби, самостојни и групни.

Сподели