Поезијата на Ацо Шопов претставена во Краков

Поетска вечер посветена на поезијата на Ацо Шопов и промоција на книгата „Од најстарата и најчиста сончева светлина“ (Z najstarszego i najczystszego światła słonecznego) од проф. д-р Маќеј Кавка се одржа завчера на Јагелоњскиот универзитет во Краков, Полска. На настанот онлајн се вклучија и проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проректорот за меѓународна соработка, проф. Александар Скепаровски и Јасмина Шопова, претставник на Фондацијата „Ацо Шопов“.

Настанот го организираше м-р Елена Мицевска-Змејкоска, лекторка која држи предавања по македонски јазик на Јагелоњскиот универзитет и работи на промоцијата на македонскиот јазик, култура и литература.

Маќеј Кавка е истакнат лингвист, научник, македонист и преведувач. Неговата последна книга, промовирана завчера, е двојазично издание на избор од поезијата на Шопов, преведена на полски јазик во издание на престижната издавачка куќа „Универзитас“.

Кавка спаѓа меѓу полските лингвисти кои се занимаваат со македонистичка проблематика повеќе од три децении и оваа негова активност и понатаму продолжува. Тој е плоден автор на научни статии и книги, а меѓу позначајните се Macedonian Discourses. Text Linguistics and Pragmatics, 2016, Јагелоњски универзитет, Краков, Дискурсите за Македонија (Dyskursy o Macedonii 2013) во соавторство со Павел Планета и други.

Настанот го поддржан македонската амбасада во Варшава и присуствуваше и амбасадорот Јасмин Ќахил. Поетската вечер беше одлична можност да се соберат сите истражувачи, научници, студенти и други личности се интересираат на Македонија и нејзината кутура. Настанот помина во најдобра атмосфера и гостите беа видно задоволни од целокупната поетска вечер.

Сподели