„Обиди за (пре)создавање песна“ е насловено изданието за поетското творештво на Иван Антоновски што го објави издавачката куќа „Граматик“ од Белград. Песните поделени во три циклуси претставуваат три фази во поезијата на Антоновски. Песните од македонски на српски јазик ги препеа српскиот поет и прозаист, Рајко Лукач.
– Антоновски уште како четиринаестгодишник напишал песни пред кои ми застанува здивот од чудење за длабоката емотивна промисла и за престорувањето на таа промисла во стихови (без патетика). Тие песни се пријатно меланхолични (пр. „Јаглика“, „Трепетлика“, „Кога те молев да пораснеш“), пленат со непосредната искреност и младешки занес („Ако ослепам, ќе ослепам од убавина“) – вели Лукач, осврнувајќи се кон првиот циклус од изборот објавен во негов препев.
Претходно, во препев на српски јазик, во 2008 година беше објавена поетската книга „Кога те молев да пораснеш“ од Антонивски, со која Нишкиот културен центар ја започна едицијата „Вертер“. Голем број негови песни во препев се објавени и во повеќе српски книжевни списанија и досега има учествувано на поголем број книжевни манифестација во Србија. Во 2014 година година, во Србија беше објавена и антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“, која ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а за која во февруари 2015 година беше доделена и наградата „Светосавски печат“ за посебна книга како исклучителен авторски и издавачки потфат на 11. Светосавски саем на книгата во Ниш.





