Дискусии, поетско читање и концерт кај споменикот „Бомба“ позади МКЦ

Во паркот зад Младинскиот културен центар во Скопје, односно на тревникот каде се наоѓа споменикот „Бомба“ утре во 14 часот ќе се одржи собир во организација „Сите за МКЦ“. Ова е третиот неделен собир овој месец, во знак на поддршка на културните храмови во Скопје град кои непрекинато се соочуваат со универзална негрижа. Настанот има богата програма: две дискусии, поетско читање и концерт.

Првата дискусија ќе биде со Мартина Штериова, млада архитектка од Скопје, која ќе ни каже нешто за градските симболи – како се создаваат, кое им е значењето, како исчезнуваат. Воедно ќе зборува за значењето на Универзална сала и нејзиното уништување.

На втората дискусија ќе говорат професорот Владимир Мартиновски и поетесата Ивана Јовановска околу улогата на образовните институции во ангажирање на младите на социјален и културен план, како и пишувањето на ангажирана литература. Следи поетско читање, отворено за секој кој сака да чита, со фокус на урбани и активистички мотиви.

На крај, следи музички настап од Мојра. Дизајнот за оваа недела го направи Марија Јаќовска.

Ова е третиот неделен собир кај културниот центар. На првата средба имаше дискусија со професорите Вангел Ноневски и Артан Садику за важноста на јавните простори во урбаниот живот, колективно цртање на платно и импровизација со акустични инструменти.

Вториот настан вклучуваше раскажување приказни од МКЦ, размена на книги и „маалски“ игри.

Сподели