„Хеликон пред микрофон: читање антички стихови и современа македонска поезија со одгласи на антиката“ е насловот на поетскиот настан што ќе се одржи утре напладне во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје. Ќе настапат ученици од средните училишта од Скопје, Куманово, Делчево, Струга, Прилеп, Гевгелија, Македонска Каменица и други градови од Македонија. Дел од учесниците ќе настапат во живо, а дел со претходно испратена видео снимка. Учесниците ќе читаат избрани препеви на песни од старогрчки и римски поети: Мимнерм, Солон, Теогнид, Платон, Сапфо, Архилох, Катул, Тибул, Хоратиј и други, како и современа македонска поезија инспирирана од антиката – Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел, Јован Котески и други.

– Целта на настанот е да ја доближи античката лирика до младата читателска публика и да покаже дека античките мотиви имаат силен одек во македонската поетска традиција. Преку јавниот настап на учениците „Хеликон пред микрофон“ ќе ги поттикне младите да ја доживеат поезијата не само како училишна лектира, туку и како живо уметничко искуство – велат од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет, организатори на настанот.
Настанот е отворен за јавноста, а сите учесници ќе добијат сертификат за учество.





