На фестивалот ќе настапат и македонските поети Владимир Мартиновски и Никола Маџиров, заедно со поети од Хрватска, од Италија, од Украина, од Словенија и од Србија.
Младите поети Андреј Ал-Асади и Викторија Ангеловска од денеска до 1 јули ќе гостуваат во Загреб, како дел од потпишаната соработка на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје и Хрватско друштво на писатели. Гостувањето ќе го започнат вечерва во 18.30 чаот со поетско читање во библиотеката „Марија Јуриќ Загорка“. Настанот ќе го модерира Иван Херцег, а превод од македонски ќе обезбеди Борислав Павловски.
Андреј Ал-Асади и Викторија Ангеловска ќе учествуваат и на 12. издание на престижниот поетски фестивал „Стих у регији“ што се одржува во Загреб, организиран од Хрватското друштво на писатели. Фестивалот ќе започне утре и ќе трае до 1 јули. Ќе настапат и македонските поети Владимир Мартиновски и Никола Маџиров, заедно со поети од Хрватска, од Италија, од Украина, од Словенија и од Србија.
Во рамки на фестивалот ќе биде промовирана и антологија на современата македонска поезија „Пронаѓена ријеч“, во избор и препев на Борислав Павловски, издание на ХДП.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) е автор на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата и Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на грчки и на италијански јазик.
Викторија Ангеловска (2002, Скопје) е авторка на стихозбирките „Станица 15“ (ПНВ Публикации, 2018) и „Ноќта сѐ знае“ (ПНВ Публикации, 2023).
Има читано на „Астални проекции“, на „Прво па женско“ во МКЦ, на „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, на „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“ како и на други поетски читања во земјата. Нејзини песни се преведени на хрватски јазик.
Гостувањето на Ангеловска го овозможи Општина Илинден, а програмата во Загреб е под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска и Градот Загреб.
Оваа книжевна размена е првата од низата настани што се планирани со потпишаната меѓународна билатерална соработка меѓу издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје и Хрватското друштво на писателите.





