Портрет на Елизабета Баковска, поети од шест земји на 36. „Поетска ноќ во Велестово“

Поетски портрет на Елизабета Баковска, гости од шест земји се дел од програмата на 36. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ кога ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Ќе гостуваат поети од Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и од Македонија.

‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени. Наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ вели Јулијана Величковска, програмски директор на фестивалот.

Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.

На 17 август во 19 часот во кафе-барот „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија. По читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Ромиќ и Галиќ.

Фестивалот ќе заврши на 18 август со организирано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.

Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицеријата „Немо“ од Охрид.

Сподели