Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – филмска рабилница, за фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн, ликовна уметност, музика и театар

Филмски проекции, дискусии, креативни работилници ќе бидат дел од 9. издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ кој од утревечер до 12 октомври ќе се одржува Кинотеката и во Младинскиот културен центар во Скопје. Отворањето е закажано утревечер во 18 часот во киното „Фросина“, со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“.

Темата на фестивалот годинава е „Подобрувајќи го светот“ (Improving the world). Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – за филм, фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн и ликовна работилница. Секое дете-учесник во својата категорија ќе гледа по четири филмови, после кои следува дискусија. Годинава се воведуваат и т.н. хабови, во кои 50-ина средношколци од пет града ќе ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на фестивалот во 2022 година.

Организаторите на денешната прес конференција рекоа дека за неколку дена бил пополнет бројот на учесници – 180 ученици од основните и средните училишта кои ќе гледаат филмови и ќе учествуваат на креативни работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

Дарко Башески

– Имаме огромен интерес кај младите и жал ни е што голем дел од нив нема да можат да учествуваат, но за сите што не успеаја да влезат во жиријата, ќе има стриминг преку нашата страница. Се надеваме дека в година, на јубилејното издание, ситуацијата ќе се нормализира и ќе направиме многу повеќе за децата и младите – рече Дарко Башески, директор на фестивалот, на денешната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.

Тој појасни дека по минатогодишното онлајн-издание, фестивалот повторно се враќа во салите со ограничено присуство од 30 отсто публика.
– Лани имавме успешно издание, иако беше онлајн не изгуби на квалитетот. Годинава се враќаме на изборната програма со филмови и работилници во живо. Имаме поддршка од Агенцијата за филм, „Џифони експириенс“, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерство за култура. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поддржува програмата за деца и млади од другите градови и од странство – рече Башески.

Во официјалната програма годинава ќе има 17 проекции на играни филмови и 28 кратки. Секој ден се предвидени проекција, дискусија, а во вечерните часови во Кинотека ќе биде реализирана програмата „Џифони +“, фокусирана на односите меѓу децата и родителите, инспирирана од „Џифони Италија“ и нивната програма „Parental experience“.
Според Деа Крстевска-Тамборини, програмски директор, фестивалот има богата програма, која ни малку не се разликува од годините кога немало рестрикции.

Деа Крстевска-Тамборини

– За учесниците од другите градови организираме т.н. хабови со пет средни училишта од Прилеп, Куманово, Охрид, Маврово-Ростуше. Покрај нив онлајн ќе бидат вклучени и 30-ина учесници од странство: Италија, Хрватска, Полска, Романија. Македонското издание се роди како идеја да се пренесе италијанското искуство кај нас. Сведоци за успехот на нашиот фестивал се младите кои сега се студенти, дипломирани, успешни во филмската и креативната индустрија, кои своите таленти ги откриле токму на „Џифони Македонија“ – рече Крстевска-Тамборини.
Заменик-амбасадорот на Италија во Македонија, Марио Ди Роза рече дека е среќен, бидејќи потекнува токму од крајот на Џифони и во младоста бил дел од него.
– „Џифони“ е можеби најважниот извозен културен продукт од југот на Италија, а секако ова не е единствената наша сорабтка. Годинава се подготувава петта програма за соработка во областа на културата и образованието помеѓу Италија и Македонија. „Џифони Македонија“ постои 9 години во Македонија и ова не е само филмски фестивал, туку е простор и место за културна размена, дијалог меѓу младите на теми што не се отвораат дома и на училиште. Фестивалот ја преживеа кризата и ние ја продолжуваме нашата заложба за негово постоење заради младите – вели Де Роза.

Марко Чезаро, проект менаџер за „Џифони Македонија“ од страна на „Џифони Италија“ вели дека е среќен сум што повторно се вратиле во Скопје, благодарение на упорноста на некои институции, меѓу кои Министерството за култура на Италија, Секторот за филмска индустрија во Министерството.
– Тука сме за младите што го сакаат „Џифони“. Во 2020 година ги одложивме сите меѓународни проекти, освен „Џифони Македонија“, зашто имавме упорен тим од овде. Сето ова е само подготовка за следната година и јубилејното издание кога се надевам дека ќе бидеме побројни и без маски – рече Чезаро.

Тој најави и нов проект за млади луѓе за средношколци и студенти за размена на средношколци и студенти меѓу двете земји.
Гостин на фестивалот е и Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони Италија“. Во рамките на фестивалот, во селекцијата на Кадети и Сениори, италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри ќе одржи мастер-клас на тема: Дали стрипот и цртаните можат да се користат како пропаганда? Розарио Минервино, селектор од „Џифони Експериенс“, ќе зборува за предизвикот да се избира соодветен филм за младите џифонци. Ќе биде прикажан филмот „Тука сум“ на Стефан Божиновски, а по него и дискусија и средба со авторот. Ќе биде раскажана приказната зад „Марви продакшн“, зад која стои група ентузијасти џифонци. Ана Андонова ќе се претстави со нејзиниот нов документарен филм „Лили“.

Фестивалот ќе биде затворен на 12 октомври со доделување на награди, а традиционално ќе биде прикажано сработеното од сите денови. Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.