„Подиум на млади“ вечерва во Музејот на македонската борба

Во рамките на програмата „Подиум на млади“, Музичка младина на Македонија по 4. пат го организира циклусот концерти за млади инструменталисти „Слободна среда“. Концертот вечерва во 19 часот ќе се одржи во Музејот на македонската борба. Во наредните недели ќе настапат 47 изведувачи од повеќе основни и средни училишта и од факултетите за музичка уметност во Македонија. Циклусот концерти „Слободна среда“ се резервиран простор за младите, концерти на кои тие го стекнуваат и градат своето искуство пред публика.

– Повикот го објавуваме во декември и трае до јануари, а можат да се пријават сите заинтересирани музичари кои сакаат да настапат со по една музичка изведба. Музичарите се пријавуваат за соло точки, но и со помали камерни состави – како дуо виолина и виола, гудачко трио или квартет, дувачки квинтет – што се оформени од неодамна, а во некои случаи специјално за некој од концертите „Слободна среда“. Искуството покажува дека некои од новоформираните состави понатаму продолжуваат да функционираат, што посебно нѐ радува. Секоја година имаме многу нови учесници, но и постојани, кои најчесто се и меѓу првите кои ќе се пријават за настап. А, најбројни секогаш – пијанистите – информираат од МММ.

„Слободна среда“ е само дел од програмата „Подиум на млади“ во која, во текот на годината, ќе следат уште многу активности и концерти наменети за младите уметници, како и за младата публика. Во Музејот на македонската борба ќе се одржат и концертите на 3 април и на 15 мај. На 17 април локацијата е салата „Империјал“ во Наципналната опера и балет. Влезот за сите концерти е слободен.

Сподели