Вкупно 23 млади и талентирани уметници и автори добија еднократна поддршка на конкурсот за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во уметностите и заштитата на културното наследство од областа на културата за 2022 година, соопшти Министерството за култура.

Млади и талентирани уметници, со поддршка на Министерството годинава ќе остварат и стручен престој кај професори и ментори, односно ќе реализираат кратки престои на универзитети и академии во странство, и специјализации кај реномирани светски уметници од повеќе области на културата и културното наследство. Од буџетот на Министеството за култура за оваа намена се издвоени 2.332.000 денари, појаснува министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

– Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри, како мерка ја покажува тесната врска помеѓу културата и образованието како сооднос кој неизоставно влијае врз унапредувањето на знаењата и афирмирањето на културата во светот, рече Костадиновска-Стојчевска.

Во рамките на конкурсот била предвидена поддршка за едукација и доедукација на прв, втор и трет циклус студии на високообразовни установи и академии во странство од областа на: балетската, музичката, драмската уметност, визуелните уметности, библиотекарството и документација и конзервација и реставрација на културно наследство.

– На листата на високообразовни институции на кои македонските уметници го продолжуваат своето образование се наоѓаат многу престижни универзитети во повеќе европски земји и пошироко, меѓу кои и во Франција, Турција, Германија, Русија, Австрија, Бугарија, Србија, Италија, Албанија, Холандија, Канада, Португалија, Словенија и Чешка – велат од ресорното министерство.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.