Со предавањата „За жал, кутриот Јорик! и „Постоењето на духот е коска“ на Нејтан Браун, вечерва во 20 часот во Чифте амам во Старата скопска чаршија почнува 7. издание на Фестивалот за критичка култура КРИК. Годинашната тема на фестивалот е „Во постојан отпор“. Јавната програма почнува со предавањето на Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот „Конкордија“ во Монтреал, Канада. Во своите истражувања тој ги опфаќа хуманистичките и епистемолошките области: поезија и поетика, модерна и современа филозофија, книжевност на 20 и 21 век, марксистичка теорија, наука и студии на технологијата. Творештвото на Браун се фокусира на современата уметничка и филмска теорија. Неговото исражување се темели врз материјалистичкиот пристап кон уметноста, филозофијата и политиката.
Во рамките на програмата тој за пријавените учесници го одржа семинарот „Проширена поетика: романтичното, модерното, современото“, а се одржа семинар со Синтија Мичел од Канада на тема „Вовед во психоаналитичките интервенции на Вили Аполон“. Во тек е работилницата „Мапирање на занаетите во Скопје“ со уметникот Билал Јилмаз од Турција и кураторката Лидија Хаѕиоану од Грција.
Седмото издание на КРИК има широк спектар на формати. До 1 јули ќе бидат одржани перформанси, промоции, презентации.
– Годинашниот КРИК 07 го насловивме „Во постојан отпор“ истражувајќи ги и промислувајќи ги критичките и автономните стратегии на отпор, низ лепеза на уметнички, мисловни, разговорни, теориски формати. Стратегиите на заеднички и индивидуален отпор ни се чинат исклучително важни како начин на живеење во времињата кои непрекинато ни приредуваат нови предизвици. Со пандемијата навлеговме во нова војна и продлабочување на економската, општествена и политичка криза во која мораме повторно да ја пронајдеме патеката низ која достоинствено и со интегритет ќе се движиме понатаму, индивидуално и колективно – објаснуваат програмските уредници Искра Гешоска и Артан Садику.
КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Покрај Гешоска и Садику, фестивалот го подготвуваат и Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ.