Почнува 6. Меѓународна недела на Филозофскиот факултет

На Филозофскиот факултет во Скопје (амфитеатар 3) денеска во 10 часот почнува 6. Меѓународна недела. Темата годинава е „Вештачката интелигенција во хуманистичките и општествените науки“. Ова е можност за сите кои планираат да студираат на некој од Институтите на Филозофскиот факултет, одблиску да ги запознаат нивните идни професори, да слушнат за најновите дебати во хуманистичките и општествените науки, но и да остварат контакти за меѓународна мобилност со предавачите од странство. Собирот е отворен за сите средношколци од четврта година кои ќе можат да го почувствуваат одблиску македонскиот високо-образовен простор.

Меѓународниот собир ќе трае до 22 февруари, а предавања ќе одржат професори и истражувачи од партнерски универзитети од Европа, регионот и пошироко, меѓу кои: проф. д-р Вулф Канштајнер од Универзитетот „Архус“ во Данска, проф. д-р Фатима Румат од Универзитетот „Мохамед Петти“ од Мароко, проф. д-р Естер Раја Диез од Универзитетот „Ла Риоха“ од Шпанија, проф. д-р Марко Маринчиќ од Филозофскиот факултет од Љубљана во Словенија, д-р Љубиша Бојиќ од Институтот за истражување и развој на вештачка интелигенција на Србија и Институтот за филозофија и социјална теорија при Универзитетот во Белград и уште многу други.

На Меѓународната недела ќе бидат промовирани и два нови меѓународни проекта на Филозофскиот факултeт: „Пристапни виртуелни музејски збирки“ од програмата Еразмус за соработка во високото образование, на кој Филозофскиот факултет е носител/координатор, во партнерство со Чешкиот технички универзитет од Прага и FYG Consultores од Валенсија, Шпанија. Вториот проект „Промоција на универзални вредности преку дигитална епиграфија и културно наследство“ е од програмата Креативна Европа, на кој носител е Археолошкиот музеј на Македонија, додека Филозофскиот факултет во Скопје заедно со Филозофскиот факултет во Белград, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, како и Балканскиот Институт САНУ од Бугарија се партнери во проектот.

Во рамки на Меѓународната недела ќе биде одиграна и театарска претстава, односно монодрамата „Бикот на Фаларис“, која е напишана и која ќе биде изведена од Стивен Фридман, кој воедно е и еден од предавачите за време на настанот.

Целата програма на линкот.

Сподели