Околу 4900 ученици од 150 основни училишта од Македонија ќе бидат тестирани на македонски и на албански јазик во рамките на ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study), соопшти Министерството за образование и наука. Со учеството во меѓународните студии на мерење на постигањата на учениците се добиваат бројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигањата на учениците на меѓународно ниво, како исклучително важен фактор за понатамошното креирање на образовните политики.
– Исклучително важно за нас е да учествуваме во меѓународни тестирања во областа на образованието. Посакуваме процесот да помине во најдобар ред, резултатите на учениците да бидат подобри од претходните циклуси на мерење и истите да бидат добра основа за носење на следни одлуки во креирање на политики во образованието – порачуваат од МОН.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). ТИМСС тестирањето опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата, а резултатите од ова тестирање со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година.