Почина Васил Јанкула – момчето што нè потсетуваше дека сите сме исти

На 33-годишна возраст по тешко боледување, вчера почина Васил Јанкула, голем борец за правата на лицата со попреченост и херој кој инспирираше со спортски подвизи, учества на маратони. Јанкула е по потекло од с. Туминец, општина Пустец, Мала Преспа, но со семејството живееше во Ресен. Од раѓање се соочуваше со болеста церебрална парализа, но никогаш не се предаде, со трицикл возеше на многу дестинации и на маратони.

Пред секое тргнување тој упатуваше апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат, секогаш под мотото „Сите сме исти“. Организираше и хуманитарни активности.

– Нашиот Васил Јанкула – Преспанскиот херој, прерано не напушти. Васил, сите нас не’ научи дека не постојат пречки што не можат да се надминат, дека со посветеност и љубов секој успех е дофатлив. Васил беше, е и ќе остане инспирација за сите што животот им приредил потешкотии, но и за сите што го познавале или слушнале за него. Хероите никогаш не умираат, така и Васил нашиот херој. Преспанскиот херој, со својот животен пат, ќе остане да живее во сеќавањата и срцата наши, со своите подвизи ќе ги инспирира и идните генерации. Вечна слава хероју и светол да ти е патот – напиша Пали Колефски во објава на „Феjсбук“.

Сочувство изразија и од општина Ресен, како и македонскот претседател Стево Пендаровски, со кого оствари средба во неговиот кабинет.

Сподели