Почина Љубиша Никодиновски-Биш, кој целиот свој живот беше посветен на театарот

Во 74-та година од животот, денеска во Скопје почина Љубиша Никодиновски – Биш, театарски критичар, продуцент, раководител на театри, голем вљубеник во театарот. Биш е еден од основачите на фестивалот „Млад отворен театар“ во 1976 година, кому му се посвети неколку децении.

Никодиновски, покрај со театарска критика и есеистика, работел и како театарски глумец и продуцент, а бил и раководител на театри и фестивали. Работел во театарот „Кај Свети Никита Голтарот“ и театарската работилница „ФФ (Зелена гуска)“. Исто така, тој има објавено голем број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 година, во издание на „Магор“ излегла од печат и неговата книга „Алтернативниот театар во Македонија“.

Никодиновски извршувал повеќе раководни функции во областа на театарот. Работел во Македонскиот народен театар како продуцент и раководител на театар „Центар“. Во МКЦ бил помошник на директорот за драмската програма; бил еден од основачите и продуцент на „Театарската работилница ФФ (Зелена гуска)“; во 1976 година бил еден од основачите на фестивалот Млад отворен театар, а во 2010 година бил прогласен за негов почесен претседател; бил еден од основачите и генерален секретар на Македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО.

Сподели