Почина Ерик Дејн, неодоливиот д-р Марк Слоун од „Вовед во анатомија“

Ерик Дејн, познат по улогите во сериите „Вовед во анатомија“ и „Еуфорија“, почина на 53-годишна возраст од компликации поврзани со амиотрофична латерална склероза (АЛС). Дејн ги поминал последните денови опкружен со семејството и блиските пријатели. Тој во април 2025 година јавно откри дека му е дијагностицирана АЛС – ретко невродегенеративно заболување што ги зафаќа моторните неврони во мозокот и ’рбетниот мозок и постепено доведува до губење на контролата врз мускулите.

Во интервју во јуни 2025 година, актерот зборуваше за првите симптоми, истакнувајќи дека најпрво почувствувал слабост во десната рака. По повеќемесечни лекарски прегледи и консултации со специјалисти, ја добил конечната дијагноза. До средината на 2025 година, тој изгубил значаен дел од функцијата на десната страна од телото.

Дејн ја започна својата кариера во 1990-тите со гостински улоги во повеќе телевизиски серии. Во 2006 година се приклучи на актерската екипа на „Вовед во анатомија“ како д-р Марк Слоун, лик што го толкуваше до деветтата сезона. Подоцна имаше кратко појавување и во 17. сезона. Годинава се одбележуваат 20 години од почетокот на оваа серија. По заминувањето од серијата, глумеше во „Последниот брод“, а во 2019 година ја презеде улогата на Кал Џејкобс во серијата „Еуфорија“ на HBO, во која се појави во првите две сезони и се врати на снимање во 2025 година за третата сезона.

Покрај телевизиската работа, настапуваше и во филмови како „X-Men: The Last Stand“, „Marley & Me“ и други проекти. Во декември минатата година беше најавено дека подготвува мемоари за животот со АЛС, планирани за објавување во 2026 година.

Дејн беше во брак со актерката Ребека Гејхарт, со која има две ќерки.

Сподели