Почина светски познатиот поет Чарлс Симиќ, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (2017) и на Пулицеровата награда. Симиќ е роден на 9 мај 1938 година во Белград, Југославија. Во 1954 година неговото семејство емигрира во САД. Тој е еден од најисклучителните поети на денешнината, добитник на бројни книжевни награди, меѓу кои и меѓународната награда „Грифин“ за поезија, медалот „Роберт Фрост“, наградите „Збигњев Херберт“, „Валас Стивенс“, а бил назначен како Poeta Laureatus на САД.
Неговотот поетско творештво го сочинуваат книгите: Што кажува тревата (1967); Некаде меѓу нас каменот фаќа белешки (1969); Разградување на тишината (1971); Бело (1972); Враќање на место осветлено од чаша млеко (1974); Биографија и тажаленка (1976); Харонова космологија (1977); Класични игри од балската сала (l980); Острини (1982); Временска прогноза за градот Утопија и околината (1983); Избрани песни 1963-1983 (1985), Бескрајна тага (1986), Светот не завршува (1989) Книга на богови и ѓаволи (1990); Хотел Несоница (1992); Свадба в пекол(1994); Застрашувачки играчки (1995); Прошетка со црната мачка (1996); Си ја барам бељата (1997); Jackstraws (Игра со чкорчиња) (l999); Избрани рани песни (1999); Ноќен излет (2001); Глас во 3 часот наутро: Избрани подоцнежни и нови песни (2003); Избрани песни 1963-2003 (2004); Тетка Марула сакам да ти ѕирнам под здолништето (2005); Мојата нема придружба (2005); Тоа мало нешто (2008); Шеесет песни (2008); Мајстор за преправање (2010), Избрани и нови песни 1962-2012 (2013); Лудак (2015), Чкртки во мракот (2017). Симиќ објавил и бројни преводи од француската, српската, хрватската, македонската и словенечката поезија, а автор е на неколку книги есеи.
ВО ВРЕМЕТО НА БАБА МИ
Смртта ја моли една старица
да ѝ сошие копче,
а таа се согласува, станува
од постела и почнува да ги бара
иглата и конецот
со запалената свеќа што попот
ја ставил до нејзината глава.
Превод од англиски јазик Зоран Анчевски





