„Младите размислуваат“ е насловот на петгодишниот проект кој треба да ги научи учениците да развиваат вештини за критичко размислување и да препознаваат дезиформации. Проектот ќе го спроведат Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД), во партнерство со ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
ИРЕКС ќе работи и со Институтот за комуникациски студии, Младинскиот образовен форум и ново-создаденото младинско советодавно тело „Учиме да распознаваме“ (УРА тим), прво од ваков вид, чија цел е да се погрижи младите да имаат важна и активна улога во осмислувањето на активностите, кроењето политики и донесувањето одлуки на државно и локално ниво.
Според американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнз, без разлика на нивниот извор, информациите се моќни само ако луѓето знаат како да ги користат.
– Оние кои одговорно ги користат информациите ќе ја зајакнат општествената кохезија, ќе бараат добро владеење и управување и ќе преземат иницијатива за подобрување на животот и можностите на нивните семејства и заедници – вели Брнз.
Министерката за образование и наука Мила Царовска нагласи дека новите наставни програми што се реализираат од оваа учебна година треба да помогнат во создавање генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажните вести.
Михајло Лахтов, директор на проектот, истакна дека исклучително важно е да се работи со младите уште од многу рана фаза, за да им се помогне да развијат вештини и навики што им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации.
– „Младите размислуваат“ ќе мобилизира стратешки партнерства низ целото општество. Ќе се заложи за стекнување медиумска писменост и вештини за критичко пристапување кон информациите во редовните предмети во училиштата и на универзитетите во сите години на образовниот процес, но и преку неформални активности во младински клубови и организации кои ги водат младите и се наменети за нив – рече Лахтов.
Според Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието, медиумската писменост е застапена во новите наставни програми со цел „да создадеме ученици оспособени критички да размислуваат, анализираат различни форми на изразување и да стекнуваат вештини кои подразбираат медиумска писменост“.
Директорката на МИМ, Билјана Петковска истакна дека „од клучно значење е наставниците од основното и средното образование да стекнат знаења, вештини и да користат образовни ресурси коишто ќе овозможат системска интеграција на медиумската писменост во образовниот процес“.
Насловна фотографија: МИМ





