60 издавачки куќи од земјава и регионот на 34. Саем на книга

Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска почнува 34. издание на Саемот на книга. Во 18 часот е закажано свеченото отворање. До 9 мај повеќе од 60 издавачки куќи од земјава, Турција, Србија, Косово и од Албанија ќе се претстават со своите најнови наслови, ќе бидат реализирани средби со писатели, ќе има многу промоции и попусти, ќе бидат организирани работилници, ќе бидат претставени нови изданија за деца. Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот.

На првиот ден на саемот во 12 часот е закажана промоција на „Oсманлиски документи за историјата на Македонија пописи од XIX век на христијанското население Скопски Санџак-Каза Скопје 1832/33“, книга 2, дел 1 од автор: доц.д-р Аднан Шериф. Промотор е проф. д-р Владимир Јанев, а организатор Државен архив на РСМ

Во 14 часот ќе следува промоцијата на поетска книга (избрани песни) „Камени јавачи” од Новица Ѓуриќ. Промотр ќе биде проф. д-р Христо Петрески, а издавач е „Феникс“ од Скопје.

Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции, а ќе има и гостувања на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). По повод 5 Мај, Ден на македонскиот јазик ќе се одржи промотивен настанот „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата“ што ќе го организира издавчката куќа „Арс ламина“ од Скопје. Осврт ќе биде даден на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.

Значајно претставување оваа година ќе има Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.

Цената на билет изнесува 50 денари, а за организирани групни посети на ученици – 40 денари.

Електронските билети може да се купат преку веб страницата www.karti.com.mk или на билетарницата пред „Борис Трајковски“. Саемот се одржува под покровителство на Министерството за култура.

Насловна фотографија: МАИ

Сподели