Почина актерката Катерина Крстева, позната како Мара Попара

Почина Катерина Крстева (1938-2023), актерката во јавноста позната како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“. Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Како актерка прво била вработена во Драмски театар, а во 1964 година преминала во Македонскиот народен театар каде останала сé до пензионирањето.

– Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и на телевизиските екрани направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика – соопштија од МНТ.

Катерина Крстева

Првата улога во МНТ и е во драмата „Дон Цезар од Базан“ премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се во претставите: „Антица“ (1965), „Градскиот саат“ (1966), „Ревизор“ (1966), „Стапица за осум беспомошни жени“ (1966), „Време од вашиот живот“ (1967), „Сенка“ (1967), „Вител“ (1968), „Мајка“ (1968), „Без вина виновни“ (1968), „Бања“ (1968), „Печалбари“ (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Парите се отепувачка“ (1970), „Живиот труп“ (1971), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Коштана“ (1971), „Зајдисонце“ (1971), „Фома“ (1972), „Животот на Галилеј“ (1972), „Децата на сонцето“ (1973), „Скуп“ (1973), „Хелдерлин“ (1973), „Ѕидот, водата“ (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Хеда Габлер“ (1976), „Отепвачка“ (1976), „Бесови“ (1978), „Кенгурски скок“ (1979), „Милион маченици“ (1980), „Остен“ (1981), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Воена тајна“ (1984), „Бог“ (1984), „Слободни врски“ (1984), „Иванов“ (1984), „Аудиенција и под нов покрив“ (1988), „Рекламна бајка“ (1989) и последната „Крик“ (1991).

На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику“, „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Поштар“, „Простодушна љубов“, „Погрешно време“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Милион маченици“, „Едно лето“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“ и други. Меѓу последите улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.

Насловна фотографија: Јутјуб
Фото: МНТ

Сподели