По кратко боледување, утрово во Скопје ненадејно почина Горјан Тозија-Медо, поранешен директор на Агенцијата за филм. Имаше 67 години. Комеморацијата ќе се одржи утре во 11 часот во Кинотеката на Македонија.

Тозија беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) и раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“.

– Во својата обемна професионална биографија вбројува големи успеси на македонската кинематографија. Од 2017 до 2020 година беше директор на Агенцијата за филм, период во кој македонскиот филм го доживува најголемиот успех во светски рамки – велат од велат од Друштвото на филмските работници на Македонија.

Агенцијата за филм им изрази сочувство на семејството и на блиските.

– Она што Горјан Тозија го остави како наследство е тоа што македонската кинематографија успеа да се избори да биде прифатена рамо до рамо со сите европски кинематографии. Се бореше за филмскиот работник и за македонскиот филм како никој до сега – изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата.

Горјан Тозија потпиша повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти како продуцент, меѓу кои „Ослободувањето на Скопје“ (2016), „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988), „Преку езерото“, како и „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.