Почина фотографот Љупчо Илиевски, човекот кој имаше плодна фотографска кариера, а посебен проект што му лежеше на срцето беше фотографирањето на мегалитската археолошка опсерваторија Кокино. Велеше дека за големи нешта се потребни големи луѓе.

– Јас ја имав привилегијата изминативе години да соработувам токму со нив, за што сум им неизмерно благодарен – велеше Илиевски.

Работеше како камерман во Македонската радио телевизија, а повеќе од 40 години беше посветен на фотографијата. Му се прeпишуваа многу прекари: ловецот на драматичните театарски сенки, човекот обземен со лустерот во Офицерскиот дом, портретистот на камената мома во Куклица… Велеше дека не фотографира, туку со светлината пишува наизглед неважни теми, кои потоа ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Дел од циклусите на кои беше посветен беа: „Траги“ (за лустерот од некогашниот Офицерски дом во Скопје), „Припитомување на крикот“ (тетарска фотографија од МОТ во период од 14 години), „Убавините ги живееме“ (изложба за Преспа), „Чекорење низ Македонија“, „Осамени, а вечни“. Во последните години беше исклучително горд што работи со учениците од средното уметничко училипте „Лазар Личеноски“ во Скопе.

Со Илиевски се збогуваме со извадок од интеревјуто посветено на неговата последна изложба отворена лани во Лучанец, Словачка, за еден фасцинантен момент од многуте доживавања на Кокино.

– Стигнувам горе уморен, но со чувство како да сум освоил некој од највисоките врвови во светот. А таму… глетка за помнење… и останав без здив…

Насловна фотографија: Боро Арсовски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.