Почина актерката Мајда Тушар

Почина актерката Мајда Тушар, соопшти нејзината матична куќа, Драмскиот театар во Скопје. Имаше 71 година. Родена е во Скопје на 24 јуни 1950 година. Дипломирала актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности во Скопје и веднаш по дипломирањето активно се вклучила во тековниот репертоар на Драмски театар, особено во проектите на Вечерната сцена.

Меѓу нејзините поважни актерски остварувања се: Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ (1973), Лисјена во „Болва во уво“ (1974), Дафина во „Јане Задрогаз“ (1974), Неда во „Црнила“ (1977), Ленче во „Ослободување на Скопје“ (1978), Орсолина во „Рибарски караници“ (1979), Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“ (1981), Клодија во „Тетовирани души“ (1986), Кристина во „Сили во воздухот“ (1988), Медеја во „Медеја“ (1988) и Блага во „Кула Вавилонска“ (1990). Добитничка е на наградите „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на театарот, актер на годината и „Војдан Чернодрински“за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“, награда за најдобра споредна улога за ликовите на мајките во претставата „Роберто Зуко“.

Насловна фотографија: Од претставата „Сили во воздухот“ (1992)

Сподели