Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, кој четири децении е организатор на култниот „Мал битолски Монмартр“, денеска апелираше за спас на манифестацијата, откако Министерството за образование и наука одлучило да ја прекине финансиската поддршка за студиото. МОН 30 години му даваше поддршка на студиото, што ја организираше светската детска ликовна колонија. По апелот на организаторите, Министерството за култура ја извести јавноста дека ќе го преземе финансирањето на студиото и манифестацијата.
– Цинична сума од 60.000 денари месечно која нас не одржуваше во живот, а годишно 80 деца ги правеше ликовни уметници и амбасадори на својата земја низ светот. Иако 30 години министерството обезбедуваше само една плата за едно лице (технички секретар) и електрична енергија сега по „ничија грешка“ се констатира незаконитост во таа активност и веднаш се прекинуваат сите форми на финансирање – вели Славчо Неделковски од детското ликовно студио, кој најави комуникација и со УНЕСКО, странските амбасади во земјава и други пријатели.

– Имено само изминатите шест месеци нашите ученици на 10 светски детски ликовни конкурси и 5 светски детски ликовни колонии освоија над 85 награди. И така нив денес ќе им соопшиме дека нема настава од септември и ќе им речеме: „Браво и збогум!” Ние нема да дозволиме ликот и делото на светски реномираниот ликовен педагог Коста Хаџи-Антоновски кој ја постави Македонија на светската мапа да замре поради вашите хирови – велат од Мал битолски Монмартр.
Министерството за култура објави дека ја поддава раката и дека ќе го преземе финансирањето.
-И понатаму ќе течат нивните активности, така што учениците од 5 до 20- годишна возраст кои бесплатно ликовно ќе продолжат да се едуцирааат и го развиваат својот талент во нашите простории но и низ детските ликовни колонии од Хонг Конг, па до Португалија, велат од министерството за култура.





