По две години пауза, од 3 до 17 август ќе се одржи 18. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалската програма предвидува 12 настани кои ќе бидат реализирни на неколку локации.

Официјалната селекција,  под мотото „Нови ритуали“,  обединува шест претстави: „Орестија“, копродукција меѓу домаќинот – Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес и Националната опера и балет, „Орестија 1/4″, дел од проектот Chorus, продукција на МКЦ од Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“, исто така дел од меѓународниот проект “Chorus”, продукција на Театар Ам Ленд, Грац, Австрија, „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на НТ Битола, „Исмена“, техничка копродукција на НТ Џинот, Велес; „Едип: коментари“ – премиера на Центарот за култура од  Штип.

Сцена од претставата „Орестија 1/4“

Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција меѓу „Перипетија“ на МНТ и НП Зеница која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинешното издание на фестивалот е директорот на Велешкиот театар Сашо Димоски.

Покрај официјалната селекција, во рамки на годинешното издание на ИФАД Стоби ќе биде промовирана и фестивалската публикација „Нова античка драма“, издание на „Полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан, под отворено небо, циклус филмови на Бранко Гапо.

Годинешната програма на ИФАД Стоби ќе се реализира на археолошкиот локалитет Стоби, во театарот Ј.Х.К Џинот и во „Шато Сопот“.

Сцена од претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“ на Битолскиот театар

Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби е дел од годишната програма за работа на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а покрај Министерството за култура и Општина Велес, годинешни помагатели на фестивалот се: Маркарт, Дрекслмаер, Шато Сопот, Симит Петрол, Печатница „Ива“ и Изворска, а наградите за лауреатите ги обезбедува „Божиновски накит и часовници“.

Билтетите за изведбите на фестивалот се веќе во продажба на билетарницата на театрот по цена од 200 денари.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.