Во Младинскиот културен центар вечерва во 20 часот концерт ќе одржи Влатко Стефановски, еден од најреномираните македонски гитаристи. Тој настапува во МКЦ по 40 години. Концертот е во рамките на одбележувањето на јубилејот 50 години МКЦ. Стефановски ќе настапи со своето трио и неколкумина гости. Последен пат Стефановски настапил во МКЦ во 1982, заедно со групата „Леб и сол“.
– Музицирањето пред домашната публика е секогаш предизвик, но кога по 40 години се враќате на местото каде што ви биле почетоците, тогаш навистина возбудата е голема. Среќен сум што ќе бидам дел од прославата на значаен јубилеј – вели Стефановски.
Влатко Стефановски Трио го сочинуваат и Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара, трио кое последниве години е доста активно и настапува речиси низ целиот свет. Инаку, неодамна „Кроација рекордс“ направи пресек на соло-кариерата на Влатко Стефановски и ја склопи во албум со најголемите хитови. Од „Каубојци и индијанци“ од истоимениот албум од 1994 до „Фанки џанки“ и „Огледало“ од неговото последно студиско издание „Тафталиџе шафл“, компилацијата содржи 17 песни. Влезниците за концертот ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk.