Претставата за деца „Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, ќе биде премиерно изведена вечерва во 18 часот на сцената на Народниот театар од Битола. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. Во Битола се поставува по 30 години. Прв режисер бил Љупчо Ѓоргиевски, кога ликот на Пинокио го толкувала актерката Валентина Грамосли која повторно ќе настапи, но сега во улогата на Штурецот.

Ликот на Пинокио го игра актерот Никола Стефанов, а во останатите настапуваат: Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски. Сценографија е на Сергеј Светозарев, костимографија на Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак, а ментор на Театарска школа „Бабец“– м-р Јулијана Мирчевска.
– Имаме голема претстава во која вложивме многу и мислам дека целосно ја оправдавме посветеноста на работата со деца и за деца, бидејки овој театар е Народен театар и овој театар треба да создава што е можно повеќе поквалитетни, поспектакуларни претстави. А „Пинокио“ е пример за тоа како и останатите театри во државата треба да вложуваат и да создаваат театар посветен на децата – рече Мавровски.
Дамјановски последен пат работеше во Битола пред пет години на претставата „Сомнително лице“, која сè уште е на репертоарот и секогаш има интерес кај публиката.
– Овој пат направивме една таква синтеза или симбиоза меѓу возрасни, професионални актери и луѓе коишто го сакаат театарот. Некои од нив веројатно и ќе бидат еден ден на овие штици, млади луѓе кои безрезервно се втурнаа во оваа наша авантура. Можам да кажам дека процесот на работа беше доста интересен, пред сè, интересен и мислам дека со екипата многу добро сработивме. Претставата носи една интересна порака за изборите кои ги правиме во животот, за тоа дека секогаш, секојдневно сме поставени пред некакви избори и дека некогаш правиме погрешни избори, но никогаш не е доцна човек да се врати на вистинскиот пат – рече Дамјановски.
Актерот Стефанов сподели дека оваа улога ќе му остави длабока трага во неговиот актерски живот.
– За мене Пинокио не е кукла која станува момче, туку е совест која станува гласна. Мислам дека преку Пинокио децата ќе добијат пораката дека пократкиот пат во животот е искреноста, смелоста, а доколку се занимаваат со поинакви или како да речам, лоши работи, патот знае да стане подолг. Направивме забавна и поучна претстава која ќе биде интересна и за млади и за стари – истакна Стефанов.

Актерката Валентина Грамосли се потсети на времето пред три децнии кога била една наивна кукла која што оживува и е втурната во животот, а сега Штурецот, којшто треба таа кукла да ја води.
-И навистина е многу тешко да се биде совест на една дрвена кукла, во смисла, тешко е да се биде совест на едно дете кое што не е расипано, туку е чисто и влегува во животот. Како што кажавме, многу е важно да се избере точно. Доколку секој од нас во животот има еден штурец кој што ќе биде негова совест, мислам дека животот и светот ќе биде многу, многу подобар“.
Покрај нив, во претставата се и: Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски. Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски.
На прес конференцијата беа и децата од Театарска школа „Бабец“, кои учествуваат во претставата и несебично, со вистинска посветеност ги носат своите улоги: Софија Наумовска, Ана Анѓелевска, Веда Мавровска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана, Марија Каранфиловска, Лина Христовска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски. Тие се дел од целиот процес – од првата проба до денес – растејќи заедно со приказната и внесувајќи ѝ искрена детска енергија што не може да се одглуми, туку само да се живее.
Официјално беше најавена и соработката со добро познатиот македонски илустратор Михајло Димитриевски, кој оваа година се потпишува зад дизајнот на рекламниот материјал и визуелниот идентитет на претставата, како и зад уникатниот дизајн на билетите. Со неговиот препознатлив стил, „Пинокио“ добива дополнителна визуелна магија уште пред да се крене завесата.
Буџетот за претставата изнесува 1.250.000 денари.





