По 15 години Марчело во МКЦ

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 21 часот самостоен концерт ќе одржи легендарниот српски музички артист, писател и поет, Марко Шелиќ познат под псевдонимот Марчело. Познат е по своите ангажирани текстови и екстатичен сценски настап. Како музичар, настапува повеќе од 20 години, стекнувајќи углед како еден од најпознатите регионални хип хоп артисти.

Во Скопје тој ќе настапи со својот 10-член бенд, со кој успеа да наполни публика за два распродадени концерти во белградската Арена. Тој ќе го промовира својот последен албум „Нојева варка“ со кој буквално ги освои регионалните топ листи. Марчело во МКЦ се враќа по 15 години од неговиот последен концерт во популарната Денсинг сала. Публиката, пред неговиот настап ќе може одблизу да се запознае со артистот и да добие потпишана книга од неговиот последен роман во издание на македонската издавачка куќа „Антолог“ со наслов „Малтерего: Рубиков стол“. Книгата ќе може да се набави и дента, на специјализираниот штанд за продажба од издавачката куќа.

Билетите за концертот денеска се продаваат за 900 денари на билетарницата на МКЦ или на олајн линкот за продажба на билети, www.bileti.mkc.mk.

Роден во Параќин, 1983 година, Марчело ја започнува својата кариера како дел од демо групата Rhyme Animal во 1999 година со кои бележат успешни настапи по градовите низ Србија. Во ноември 2003 година излегува неговиот деби албум De Fact” за издавачката куќа Bassivity Music кој станува најбрзо продадениот албум на годината. Истовремено, тој е и првиот албум по војната во Србија, кој вклучува соработка меѓу новите генерации на музичките артисти од бившите простори како Едо Мајка, Елементал, Шкабо, Шорти, Дисциплинска комисија, Биг Бос и други. Овој албум, кој изобилува со критики насочени кон распаѓањето на општеството, но и лични теми раскажани на неверојатно искрен начин наоѓа на одлично прифаќање на публиката и критичарите што му носи на Марчело титула: гласот на генерацијата.

Сподели