Улогата на уметникот во време на дигиталните медиуми: „Платно. Аугментативна реалност“

Кон изложбата „Платно, аугментативна реалност“ од Сандра Котевска, отворена во Културниот центар „Магаза“ во Битола 

Пишува: Билјана Исијанин

Улогата на уметникот во време на дигиталните медиуми е значајно изменета. Манифестацијата на виртуелното и нејзиното преплетување со реалното значи губење на потребата реалноста да биде прикажана онака како што се доживува. Заедничкото создавање на стварноста во којашто сите опстојуваме создаде нова естетика што од уметникот бара да биде само овозможувач на творечкиот чин, понекогаш дури и без негово присуство. Феномените кои ги чувствуваме се само проекции на една повисока реалност која ги надминува до тој степен до којшто и нашиот свет ги надминува нашите сенки на ѕидот. Можеби светот што го гледаме е само одраз на една реалност која им бега на своите одрази.
За разлика од виртуелната реалност што создава симулакруми, аугментативната реалност креира нови слоеви на реалност во физичкиот свет. На еден таков реален физички свет припаѓа и уметничкото дело што постои самото за себе со своја сопствена тема и свој живот.
Во овој настан Сандра Котевска ги вовлекува посетителите во еден интерактивен чин, без кој тој би бил само изложба на едно дело (акрил на платно со парчиња огледало) на кое се претставени нафрлани стари столици од некогаш заборавена институција како метафора за општество што пропаѓа поради постојаната контрола што ни ја наметнуваат институциите и промовира контролирана уметност што не ѝ дозволува на индивидуата да се менува (а со тоа да се менува и општествената стварност). Парчињата огледало што авторката ги аплицира врз насликаното платно ги рефлектираат нашите деформирани одрази кои го наметнуваат прашањето за тоа дали ќе продолжиме да живееме во свет во кој, според Бодријар, се соочуваме со една нова иднина без иднина. Но, авторката ни посочува излез – со аугментативната реалност ние сме вовлечени во искуството во кое од пасивни набљудувачи стануваме активни учесници иако можеби не сме ни свесни дека на тој начин ризикуваме да станеме контролирани од алгоритми.

Но, можеби таа контрола поради која во иднина веројатно сите ќе зависиме од роботи, ни отвора нов простор за размислување. Можеби тоа е итна потреба за сите нас, за да можеме конечно да разбереме дека уметноста само ја користи можноста да се изразува на нови начини. Дали тоа е она што го сакаме? Дали гулабот што го гледаме со помош на нашите мобилни паметни телефони ќе нè потсети дека seeing is believing дури и тогаш кога сме под сериозна закана од аугментативната реалност? Дали гулабот со својот измет го поништува делото или институциите? Дали можеби нè поттикнува да размислиме дека прашањето во врска со тоа дали уметноста има сила да го промени светот или не, не е повеќе релевантно прашање, бидејќи светот неизбежно се менува?

Коегзистенцијата на реалното и имагинарното во интерактивниот настан на Сандра Котевска отвора многу прашања поврзани со нашите секојдневни интеракции и ги вовлекува посетителите во една нова ментална состојба која ги пречекорува границите на реалното и влегува во светот на имагинативното создавајќи поинаков контакт со општествената реалност.

Сандра Котевска е родена во Битола, 1990 година. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Има реализирано неколку самостојни изложби во земјата и странство, а учествувала и на голем број групни изложби. Нејзиниот интерес се движи од сликарство, конзервација и реставразија до примена на нови медиуми.

Соработници на проектот: Билјана Исијанин, Милан Петровски, Маријана Котевска, Александар Гулевски, Завод и музеј –Битола
Фотографии: Симона Калица

Сподели