За мене, преведувањето поезија и општо белетристиката, е потешка задача од пишувањето. И многу важна задача. Роберт Фрост вели дека „поезијата се губи при преведувањето“ – вели писателот Владимир Левчев, кој од утревечер ќе гостува на 11. фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје
Владимир Левчев е поет, писател и вонреден професор по литература и пишување на Американскиот универзитет во Бугарија. Тој ќе биде гостин на 11. фестивал ПРО-ЗА Балкан, што ќе биде отворен утревечер во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Софија во 1982 година. Тој добил Фулбрајтова стипендија во 1994 година, а магистрирал на програмата за креативно пишување на Американскиот универзитет во Вашингтон во 1996 година. 13 години престојувал и работел како лектор и професор по литература во САД. Објавил четири книги поезија во САД, една во Италија, една во Романија, 20 книги поезија во Бугарија и една кај нас. Владимир Левчев е син на поетот Љубомир Левчев, кој во 2010 година го доби „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Левчев, исто така, автор на три романи и четири книги научно-стручна литературна проза, вклучително и една монографија со наслов „Поезија и музика: Четири квартети“ од Т.С. Елиот. Неговиот роман „Крали Марко: Балканскиот принц“ е преведен и на македонски јазик. Левчев е преведувач на Т.С. Елиот, Ален Гинсберг и на многу други поети, како и на Багавад Гита на бугарски јазик.
Што за Вас значи поканата да бидете дел од фестивалот ПРО-ЗА Балкан, кој 11-та година на едно место го собира писателскиот крем во регионот?
– Многу ми е драго што сум поканет на овој меѓународен фестивал. Ние сме соседи, пријатели, браќа и сестри. Но, историски, барем во 20 век, зборувавме само за Балканските војни. Нека Балканот, регион со античка историја, стане симбол на братството и разбирањето во 21 век. Тоа што нѐ обединува е повеќе од тоа што нѐ разделува. А писателите, мислам, можат да ја завршат оваа работа, за нашата иднина, подобро од политичарите. Затоа што нашата заедничка држава е државата на духот.
Какво е чувството да се биде преведен на друг јазик?
– Моите книги се преведени на англиски, италијански, македонски и на романски јазик, а одредени песни на 15 јазици. Јас самиот сум преведувач, главно од англиски на бугарски, но и од руски и македонски. За мене, преведувањето поезија и општо белетристиката, е потешка задача од пишувањето. И многу важна задача. Роберт Фрост вели дека „поезијата се губи при преведувањето“. Но, самото пишување е во извесна смисла и превод – да се најдат зборови на јазикот за невербалните импулси на духот. Секогаш сум многу среќен кога ќе ме преведат на друг јазик. Но добро е ако можам и да го разберам тој јазик. Преведувачите се обидуваат да ја поправат загубата на заедничкиот човечки јазик. Според Библијата (Битие), Бог ги казнил луѓето за нивната дрскост да изградат идолопоклоничка кула (Вавилонската кула) со тоа што ги разделил јазиците поради кое тие престанале да се разбираат еден помеѓу друг и да ја изградат заедно кулата.
Во една од најубавите песни од вашиот татко „Утрешниот леб”, спомнува дел од вашиот студиски престој во Америка, кога преку викендите продавате леб. Стиховите за потрагата по магичната формула за утрешниот леб кој ќе ги фати за раце децата и врати дома, денес кога и во вашата и во нашата држава ни се случува вистински егзодус на младите, звучи толку актуелно и моќно. Го враќа ли утрешниот леб вашиот син Бојан во Бугарија – талентиран музичар? Се пронаоѓа ли во овие наши балкански простори?
– Бојан живее во Англија. Но, на неговата свадба со Џули (таа е Французинка) носеше бугарска народна носија. А тој, иако пораснал во Америка и речиси не ни живеел во Бугарија, многу добро зборува бугарски (но зборува и француски, јазикот на сопругата и шпанскиот). Мислам дека за нас, на Балканот, не е проблем тоа што имаме голема дијаспора насекаде низ светот. Најголема дијаспора имаат Евреите, како и Ирците и Ерменците. И тоа не ги прави послаби како народ, туку дури и посилни. А формулата за утрешниот леб ќе ја знаат нашите деца, ние не. А за мене „лебот наш насушен“ (од молитвата Оче наш…), насушниот леб е телото Божјо (зашто Исус им рекол на апостолите: Јадете, ова е моето тело и пијте, ова е мојата крв. Значи, лебот е телото Божјо, т.е. Логос, Слово (коешто беше на почетокот).
Домот на вашите родители беше долги години и втор дом, покрај нашиот КИЦ во Софија на бројни македонски уметници кои престојуваа со свои програми. Можат ли културата и т.н. културна дипломатија да зближуваат и во години во кои политичките односи меѓу нашите две држави се далеку од посакувани добри? Какви се вашите лични ставови во однос на ова прашање?
– Се разбира! Дали треба братски народи да војуваат? Мора да работиме заедно како соседи и роднини со заемна почит и толеранција. За жал, познато е дека најчесто роднините и соседите се караат. Треба да го смениме тоа. Мислам дека имам многу добри пријатели во Македонија и секогаш се чувствувам како дома, добро примен, како да одам на гости кај роднини кога сум во Македонија. Имам блиски пријатели во Македонија. Славе Ѓорѓо Димоски, Јулијана Величковска, Михајло Свидерски, Славица Гаџова Свидерска и многу други кои ги почитувам и како пријатели и како многу добри писатели.
На што сте фокусиран периодов? Дали подготвувате нова книга?
– Мојата последна книга поезија е „Смртта и Бог“, а го издадов и романот „Астероид“. Минатата недела во Русе се случи премиерата на мојата претстава „Марко од Прилеп“, за Крали Марко. Работена е по мојот роман „Крали Марко: Балканскиот принц“, кој е објавен и во Македонија, во превод на Михајло Свидерски. Можеби наскоро ќе имам и нов роман. Но, тешко е да се пишува и да се работи истовремено. Предавам на Американскиот универзитет во Благоевград. Пишувам главно во лето кога имам одмор.