„Пингвинот“ на Театарот „Златен Елец“ на Скопско лето

Во Мултимедијалниот простор „Котур кафе и филм“ вечерва во 20 часот ќе биде изведена театарската претстава „Пингвинот“ во продукција на Театарот „Златен Елец“. Станува збор за авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, работен според текстови на Данкан Мекмилан, Џони Донахју и документарни материјали на Вернер Херцог. Претставата е во рамките на манифестацијата Скопско лето. Концептот и режијата се на Стојаноска, а игра Поповиќ. Обајцата го направија изборот на музиката. Продуцент е Бобан Алексоски.

„Пингвинот“ е интерактивна експериментална монодрама во која заедно со публиката ќе се потсетуваме на обичните мали моменти за кои вреди да се живее. Претставата е работена според авторски текстови на тимот, текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог. Со поврзување на сите овие материјали се фокусираме на теми околу менталното здравје, поточно депресијата и самоубиството и симболично ги поврзуваме сите овие интензивни чувства и со животинскиот свет и пингвините кои се едни од ретките животни кои што покажуваат знаци на депресија и суицид.

Иако, сè уште не постои точен научен факт зошто пингвините во одреден момент се одлучуваат за таква постапка, не можеме, а да не чувствуваме поврзаност со овие животни кои можеби чувствуваат исто како нас. Претставата преку позитивни и комични моменти ја истражува комплексноста на тагата, генерациските трауми и растењето со депресивен родител. „Пингвинот“ ќе се надградува со секоја нова изведба и интеракција со публиката и ќе отвора врата за дискусија и рушење на предрасудите за комплексноста на менталното здравје.

Сподели