Беше задоволство да се работи со Андреј, да ни го открие неоткриениот свет на војната за кој сите секојдневно слушаме, гледаме, доживуваме. Тоа е трагичен свет, но и комичен во исто време. Мислам дека одамна на проби не сме се смееле толку, а во исто време и не сме плачеле – вели актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска
Претставата „Пикник на фронтот“ од Фернандо Арабал, во режија на Андреј Цветановски ќе биде премиерно изведена во вторник, на 28 ноември во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографија – на Раде Василев, а изборот на музиката е на Димитар Андоновски. Улогите ги толкуваат: Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Соња Стамболџиоска.

Оваа претстава е за луѓе, поточно за лушпи од луѓе што ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но сè подлабоко влегуваат во неа.
– Додека работевме на претставата постоеше единство меѓу нас, нешто што е многу важно за театарот. Бидејќи нашата држава ја има честа да биде домаќин на Самитот на ОБСЕ на 29 ноември, државниците од нашиот „цивилизиран“ свет имаат шанса да присуствуваат на премиерата на претставата. Би сакал да ги поканам и со тоа можеби ќе има „лушпа“ од човек помалку на нашата планета Земја – рече Цветановски.
Актерката Драгиќевиќ – Пројковска истакна дека се надева дека после претставата она што ќе прозвучи надвор од оваа сцена, ќе биде пораката за мир и благостојба.
-Беше задоволство да се работи со Андреј, да ни го открие неоткриениот свет на војната за кој сите секојдневно слушаме, гледаме, доживуваме. Тоа е трагичен свет, но и комичен во исто време. Мислам дека одамна на проби не сме се смееле толку, а во исто време и не сме плачеле. Доколку тоа го доживее и публиката, ние ќе бидеме многу среќни и ќе имаме производ кој ќе се игра многу долго време, додаде Драгиќевиќ – Пројковска.

Актерот Дамјан Цветановски посочи дека неговиот лик и ликот на Стефан Вујисиќ се всушност војници кои се во војна но немаат мотив за истата. Како што објасни, двајцата се довлечкани со сила да се борат, а имаат детска наивност која проникнува низ најсериозните моменти.
-Двата лика се војници во таа војна, но немаат мотив за истата. Довлечкани се со сила да се борат, а имаат детска наивност низ сите случувања која проникнува низ најсериозни моменти. Иако се натерани да се мразат едни со други, бидејќи едниот е на едната а другиот на другата страна, некако со текот на времето се здружуваат, додааде Цветановски.
Актерот Филип Трајковиќ потенцираше оти конечно игра улога на лик кој многу го поистоветува со она што се случува денес во светот.
– За мене е интересно тоа што конечно имам лик кој што многу го поистоветувам со ова што се случува денес во светот генерално. Самиот лик во претставата се обидува да најде начин како да се провлече низ тежок живот со радост. Тој наоѓа начин да биде среќен во тешки и страшни моменти. Всушност, тоа е нешто што поголемиот дел од нас го живеат затоа што секој ден е борба за опстанок на некаков начин. Ако не почнеме да се смееме и радуваме па дури и во тешките моменти кои се случуваат во нас, немаме начин како да продолжиме понатаму, рече Трајковиќ.





