Пијано трио „30 прсти“ – прекрасна авантура што несомнено треба да продолжи

Пишува: Тина Иванова

Прекрасна идеја е триесет прсти или шест раце да „летаат“ по црно-белите „клавиши“, да се препелкаат едни врз други во сите регистри, да ја „растурат“ буквално клавијатурата, па повторно да ја вратат во нејзината „првобитна“ состојба, или да ù дадат три различни колорити произлезени од три сосема различни уметнички карактери, да ù наметнат сонорност како да е симфониски оркестар, а истовремено, од пијаното да ги извлечат сите технички можности, но и неговата душа.

Љубовта е најсилниот елемент во чинот на уметничка креација. Ако неа ја нема, останува чувство на рамнодушност кај оној којшто треба или тежнеел да ја восприеми. Но, токму обратното, се случи и се рефлектираше кај аудиториумот во kамерната сала на Филхармонија, на концертот „30 прсти“ – огромна љубов и силна посветеност, жар за креација, енергија што плени, сплотеност, радост кон чинот или мигот на создавање, и на крајот, неверојатен уметнички шарм.

Тројцата извонредни македонски пијанисти – Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, приредија концерт кој ќе остане во сеќавање кај многубројните присутни во средата навечер, како настан за паметење. Има повеќе причини за тоа: првенствено, тоа е е високиот професионализам на тројцата уметници кон материјалот којшто ни го подарија, поради прекрасната и несекојдневна програма, поради нивната
заемна комуникација од која извираше тоа чувство на силна љубов без кое секој тон би звучел рамнодушно, поради самата формација – тројца пијанисти на едно пијано, што и во светот се смета за раритет (затоа и нема многу пишана литература), а тоа повлекува и атрактивност, па дури и во случај да нема некој посебно одбран програмски концепт.
Шест раце, триесет прсти, тројца уметници, или три сплотени души во создавање на единствен уметнички чин, е вистинска инспирција и можност за размислување колку и како може да се користи инструментариумот создадаен пред векови, и да му се даде нов здив, нова форма, нова визура, и со тоа една сосема поинаква звучност. Вршкова, Ангелова Христов и Макариевски, се „трио фантастико“ во позитивна смисла на зборот,
затоа што нудат таква посветеност и ведрина, таков ентузијазам и креативност, таков елан и возбуда, што навистина можете само да им се воодушевувате и на крајот да аплаудирате силно додека не ве здоболат рацете.

Пред сè, ова е така, заради идејата. Прекрасна идеја е триесет прсти или шест раце да „летаат“ по црно-белите „клавиши“, да се препелкаат едни врз други во сите регистри, да ја „растурат“ буквално клавијатурата, па повторно да ја вратат во нејзината „првобитна“ состојба, или да и дадат три различни колорити произлезени од три сосема различни уметнички карактери, личности, да и наметнат сонорност како да е симфониски оркестар, а во исто време, од пијаното да ги извлечат сите технички можности, но и неговата душа.

Но, инструментот има душа, само во случај ако таа му ја наметне оној којшто му дава љубов. Концертот стартуваше со интересната и силно емотивна Свита „Детски души“ од францускиот композитор Жан Емили Пол Крас, кој творел на преминот од доцниот романтизам кон 20.век, композитор чии дела навистина ретко се слушаат на нашите простори. Мошне шаренолик израз на творење и инвентивност се чувствува во трите става на свитата насловени – „Чисти“, „Наивни“ и „Мистериозни“, кои во суштина ги претставуваат душите на децата на самиот композитор – неговите три ќерки. И како што и Крас ова дело го создал за само неколку недели, силно мотивиран од идејата да ја соедини реалноста со сонот за неговите три мали девојчиња облечени во бел фустан, така и Пијано триото успеа да проникне во истражувањето на мистеријата на трите души и без сомнение да ни ја покаже како во огледало детската наивност и насмевка низ ведрина и позитивна енергија. Триптих за три деца изведен од тројца пијанисти, навистина звучи необично.

Уште една ретка композиција, веројатно за првпат изведена кај нас, звучеше маестрално – Свитата од Расим Рамазанов, исто сочинета од три дела – „Салса ритам“, „Мала рапсодија“ и „Пролетно расположение“. Енергична свита со богата ритмика, понекаде влијанија од фолклорот, џезот, некаде потсетува на потписот на Гершвин, со техника на „препарирано“ пијано, пригушени звуци на жици итн., која звучеше навистина импресивно и моќно. Всушност овде, како и во другите дела, моќта лежи и во самата формација, тројца кои свират на едно пијано, па како што некој на шега од публиката
коментираше – „душата му ја вадат“.

„Фантазија на тема од Стив Рајх“ од Дионизис Вукувалас, очекувано ја содржи
репетитивноста на Рајх како еден од најистакнатите претставници на минимализмот, а Пијано триото токму таа хипнотичност на која Вукувалас и дал малку од својот идентитет, една скриена романтичност и меланхолија, ја изведоа во еден мошне интересен манир каде што од ритмиката во својата „минимална“ завиеност направија вистинска атракација.

За поздрав се двете дела од македонски автори, од сега веќе средна генерација македонски композитори, кои овој состав одлучил да ги вметне во својата програма – „Y to My GTI Turbo“ од Дамјан Темков и „АлисиОс“ од Бете Илин, а кои прозвучеа навистина прекрасно, чувство што го потврдија и самите автори кои присуствуваа, а и од публиката добија силни аплаузи и поддршка. Првото дело на Темков, кое е всушност составено од
три става, но овој пат беше изведен само еден и адаптиран за оваа пијано формација, во еден здив и со моќен пулс го изведоа Вршкова, Ангелова Христов и Макариевски, со нескриен позитивизам кон творбата на нивниот колега. Посветено на британскиот брејкбит бенд „Продиџи“, мошне креативно создадено во духот на рејвот, но и на панкот, оваа композиција плени по својата инвентивност, енергична ритмика и таинствена, но емотивна мелодичност. Делото на Бете Илин пак, напишано во сосема друг манир, беше
како контраст на она претходно што слушнавме. Преполно со македонската ритмика, препознатливост на идентитетот на нашето поднебје, но „замотано“ во плаштот на она што се нарекува мејнстрим во новата класична музика – игра со класичните, стандардизираните техники на компонирање и целосно инволвирање на автентичната, лична креативност. Навистина интересно вткаена фолклористика во современ звучен дизајн, збогатена со впечатливи звучни ефекти.

Секогаш, за разлика од останатите инструменталисти, пијанистите имаат тенденција да бидат сами на сцената и тоа е природен порив, затоа што пијаното само по себе е еден цел оркестар. Токму затоа се интересни „Пијано трио – 30 прсти“, заради необичноста во заемната комуникација, начинот на размислување кој на која позиција да седне, кој да врти страници од партитурата, кој да го направи изборот на делата, како заеднички да се
протолкува едно дело. Имаа сосема изедначен тембар, темите во сите композиции ги водеа слеано, не отстапија од ритмичкиот пулс, динамиката (иако често во форте фортисимо) исто така им беше на еднакво рамниште…

Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, несомнено треба да ја продолжат оваа авантура. Неспорно квалитетните вештини што тројцата ги поседуваат, силното заедничко вложување и видливото чувство за тимски дух, може да донесе само убавина.

Сподели