Во издание на „Матица македонска“, неодамна излезе од печат книгата „Пиеси за обоа и пијано“, македонски фолклорни теми од нашиот познат солист обоист и педадод Васил Атанасов В’чев. Ова издание е реткост во македонската литература и е единствено од таков вид за дувачки инструменти.

Рецензенти на книгата се д-р Анкица Витанова, проф. Иван Коцаров и Васка Наумова, музички критичар и публицист.

– Обоата е еден од најубавите дрвени дувачки инструменти со прекрасен и треперлив звук,кој може да ги пренесе сите емоции на човекот, природата и космосот, и не случајно ја нарекуваат кралица на оркестарот, бидејки најубавите мелодии и сола во оперската, балетската и симфониската музика и се доверени нејзе. Идејата да ја напишам оваа книга долго тлееше во мене. Во отсуство на доволна музичка литература за обоа од наши македонски автори, ја создадов оваа книга, бидејки сметав дека е потребно и претставува насушна потреба за младите таленти кои го изучуваат овој инструмент и посетуваат настава во основно и средно музичко образование, а секако и за студентите кои студираат музика да имаат таква музичка литература. Јас оваа книга ја нарекувам „Албум за деца и млади за обоа”, бидејќи тука се опфатени познати наши македонски напеви од фолклорот кои се опејуваат низ годините и негуваат во многу вековната традиција на нашиот народ – пишува Атанасов во предговорот.

Вакви изданија се за почит и за поздравување, зашто не само што ќе ја збогатат ризницата на новите нотни записи за обоа, туку ќе им помогнат и на професорите по обоа како идеја за нивната поголема ангажираност во изведувањето на познати дела со фолклорни елементи, вели Витанова.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.